(ВИДЕО) Пресметка на богатите – Марез го однесе Манчестер сити во финалето во ЛШ

Екипата на Манчестер сити оствари историски успех, ќе игра во финалето на Лигата на шампионите откако и во вториот полуфинален меч беа подобри од ПСЖ. По победата во Париз од 2:1, овој пат „граѓаните“ славеа со 2:0 и за прв пат ќе играат во финалната пресметка за трофејот во елитното клупско натпреварување.

Херој на „граѓаните“ е Ријад Марез кој ги постигна двата гола и со тоа го елиминира минатогодинешниот финалист. Првиот гол Ријад Марез го постигна во 11. минута по одбиената топка по шутот на Кевин Де Брујне.
ПСЖ имаше шанса експресно да се врати во игра но шутот на Маркињос заврши во пречката, додека Анхел Ди Марија шутираше покрај голот на Едерсон.

Во второто полувреме, нешто помирен ритам и јалова иницијатива на ПСЖ, но сите надежи на „светците“ дека ќе успеат да направат пресврт, се урнаа во 63. минута кога Марез повторно го совлада Кејлор Наваз и сосема заслужено го однесе својот тим во финалето на ЛШ.
Нервозата во редовите на ПСЖ по примениот гол беше евидентна и тоа резултира со црвен картон на Ди Марија поради газењето на Фернандињо и тоа надвор од теренот.
Противникот на Манчестер сити во финалето кое ќе се игра во Истанбул ќе биде познат утревечер по натпреварот помеѓу Челси и Реал Мадрид. Првиот натпревар заврши без победник, 1:1.