11.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

(ВИДЕО) Претепана студентка во Франција, носела здолниште

Француската полиција отвори истрага откако една девојка во Стразбур пријавила дека тројца ја нападнале на улица затоа што носела здолниште.

Според Би-Би-Си, 22-годишната студентка, идентификувана од француските медиуми како Елизабет, пријавила дека на улицата и пришле тројца мажи кои ја нападнале затоа што носи здолниште.

Во интервју за француското радио Франс Блу Алзас, Елизабет рече дека одела кон нејзиниот дом кога еден од тројцата мажи и викнал гласно: „Погледнете ја оваа курва со здолниште“.

Потоа сите тројца и пришле, раскажува студенката, а двајца ја држеле додека третиот ја удирал по лицето, оставајќи и модринка на окото. По нападот, тројцата мажи побегнале.

Таа рече дека најмалку 12 лица биле сведоци на нападот на улицата, но никој не и помогнал.

Вчера, министерката за внатрешни работи Марлен Скипа го посети Стразбур за да и се обрати на јавноста за безбедноста на жените на улиците.

„Здолништето не е виновно за нападот, а жената уште помалку. Жената никогаш не била нападната затоа што носи здолниште. Жената била нападната затоа што има луѓе кои се мизогини, сексистички, насилни и сметаат дека законите и правилата на однесување не важат за нив”, рече таа.

„Кога сте студент и треба да размислите што ќе облечете и каква порака испраќате, тоа е неверојатно ментално оптеретување“, додаде министерката.

Таа апелираше до јавноста веднаш да ја алармира полицијата ако биде сведок на некакво вознемирување на жени на француските улици.

Радио Франс Блу Алзас известува и за уште две млади жени кои беа нападнати на улица. Тие биле нападнати од 18-годишник кој ги нападнал зашто „носеле премногу кратки здолништа“. Младиот човек бил уапсен од полицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.