ВИДЕО|Претреси во Скопје, се преземаат мерки за целосно расчистување на убиството кај ТЦ “Мавровка”

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека во текот на целиот ден се преземаат мерки и активности за расчистување на кривичното дело убиство, кое денеска беше извршено на паркинг простор пред ТЦ “Мавровка” и мерките и активностите продолжуваат и во текот на вечерта, соопштија од МВР.

Веднаш по добиената пријава за пукање во близина на ТЦ „Мавровка”, при што бил застрелан В.Е.(59), кој починал на местото на настанот, веднаш се преземени низа оперативно тактички мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје за пронаоѓање и лишување од слобода на сторителите. Извршени се претреси и прегледи на повеќе локации и возила, а беа ангажирани и полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции, хеликоптери и дронови. Приведени се две лица за кои постојат основи на сомнение дека се сторители на кривично дело „убиство“ казниво по член 123 од КЗ, кои ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка по целосно расчистување и документирање на случајот. Се преземаат мерки за пронаоѓање и на третото осомничено лице односно целосно расчистување на случајот во координација со ОЈО Скопје, истакнаа од МВР.

Во текот на денот од страна на СВР Скопје по издадени наредби од страна на судија на претходна постапка извршени се претреси на четири локации за кои постојат индиции дека престојувале лицата инволвирани во кривичното дело. При преземањето на мерките и активностите пронајдени се доволен број на материјални докази. СВР Скопје и вечерва спроведува низа на оперативно тактички мерки со цел лишување од слобода на третото осомничено лице. По целосното расчистување на случајот, МВР соодветно ќе ја информира јавноста, додаваат од МВР.