(ВИДЕО) Преживеа најмалото бебе на светот

Калифорниска болница објави во средата дека преживеало досега најмалото бебе на светот кое во моментот на раѓањето тежело само 245 грама.

Девојченцето чијшто идентитет не е објавен а болничкиот персонал ја ословува со прекарот Сејби е родено по 23 седмици и три дена од бременоста во болницата „Sharp Mary Birch“ во Сан Диего.

На таткото лекарите по породувањето му кажале дека очекуваат оти нема да преживее повеќе од еден час. „Но тој час се претвори во два, па во цел ден, па во седмица“, вели мајката во видеоснимката која ја објави болницата.

Според лекарите, Сејби е родена со царски рез во декември по прееклампсија, тешка компликација којашто поради висок притисок го загорзувала животот на нејзината мајка, но и нејзиниот. По речиси пет месеци минати на одделот за интензивна нега, Сејби претходно месецов е пуштена на домашна нега со тежина од 2,2 килограми.

„Таа е чудо, тоа е сигурно“, вели Ким Норби, една од медицинските сестри кои се грижеле за Сејби додека се борела за својот живот. Покрај нејзината колепка стоел натписот „Мала но моќна“.

Ема Вист, друга сестра која се грижела за Сејби, рекла дека била толку малечка што одвај можела да ја забележи во креветчето. По породувањето била толку мала што ја собирало на дланките на медицинските сестри. Вист додала дека тоа било неверојатно, бидејќи нејзината тежина била половина од тежината на нормален фетус стар 23 седмици.

Лекарите сметаат дека за преживувањето придонело и тоа што кај неа не се развиле никакви сериозни компликации по породувањето. „Кај Сејби немаше речиси никакви медицински предизвици коишто вообичаено се јавуваат кај бебињата родени пред 28-та седмица од бременоста, како што се крварење во мозокот и проблеми со белите дробови и срцето“, наведува болницата.

Рекордот за најмало бебе пред Сејби го држеше новороденче родено во 2015 година во Германија кое тежеше седум грама повеќе од Сејби. Лекарите истакнуваат дека таа, и покрај преживувањето, можеби ќе биде соочена со респиратони проблеми и проблеми со слухот и видот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.