(ВИДЕО) Путин му го врачи орденот „Александар Невски“ на Вучиќ

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Белград на претседателот Александар Вучиќ му го врачи орденот „Александар Невски”.

Искрено, среќен сум што го одликувам претседателот на Србија со висока државна награда на Русија, рече Путин во Палатата Србија.

Путин рече дека орденот носи име на голем светец и покровител на дипломати кој се изборел за независност во борбата против странските освојувачи.

Во текот на речиси 300-годишна историја на награди запишани се славни имиња на претставници на Србија, меѓу кои се кнез Милош Обреновиќ и Никола Пашиќ. Сега во листата добитници е запишано и вашето име, рече Путин и му посака на Вучиќ здравје, благосостојба и успех.

Вучиќ рече дека орденот на „Александар Невски“ за него значи голема чест и одговорност во идното проширување на соработката меѓу Србија и Русија.

Горд сум на Србија која ја заслужи оваа награда. Србија во последниве години успешно ја чуваше својата независност, територијален интегритет и воена неутралност. Ова признание значи дека ја сочувавме Србија како слободна држава, рече Вучиќ по доделувањето на орденот.

Тој додаде дека неговата благодарност не е протоколарна, туку длабока и искрена.

Ова одликување за мене е многу значајно. Ова го кажувам бидејќи го добивам овој орден од претседателот на Руската Федерација Владимир Владимирович Путин, и тоа го истакнувам бидејќи Путин е лидер од најважно значење за Русија, рече Вучиќ.

Тој рече дека Путин „ја подигна и ја заштити Русија“, но и виталните интереси на српскиот народ.

Српскиот народ никогаш нема да заборави дека Русија во 2015 година по наредба на Путин стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, по која Србите требаше да бидат прогласени за геноцидна нација. Путин тогаш ја заштити вистината и правдата, и затоа имаме голема одговорност за се што ќе работиме во иднина, наведе Вучиќ.

Примајќи го орденот Вучиќ им се заблагодари на граѓаните, своите родители и децата.

На 7 јануари Путин потпиша декрет за одликување на Вучиќ со орденот „Александар Невски“ за големиот придонес во развојот на соработката на двете држави.

Од 2010 година, орденот „Александар Невски“ го добија 237 поединци, претежно руски државјани, но и пет странски државници.

Пред Вучиќ, тој орден го примија претседателите на Белорусија Александар Лукашенко, на Казахстан Нурсултан Назарбаев, на Таџикистан Емомали Рахмон и Туркменистан Гурбангули Бардимухамедов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.