ВИДЕО| Работнички поразен од Македонија во Ѓорче Петров

ФОТО: fkrabotnicki.com

Македонија ЃП го совлада Работнички со 2:1 во првиот саботен натпревар од 25-то коло во Првата македонска фудбалска лига.

Домашните успеаја да ги искористат своите шанси, за разлика од гостите, кои во финишот пропуштија две можности за израмнување. Личина во 24 минута донесе водство за „лавовите“, а само две минути подоцна стигна фантастичен одговор од Адтхе Мазари кој упати проектил од над 20-ина метри и ја затресе мрежата на Македонија ЃП. Матеј Ангелов се обиде да направи резултатски пресврт до крајот на првиот дел, но без успех.

Во второто полувреме, прво посериозно се закани Арби Воша но Алексовски одбрани, а во 73 минута Филип Алексовски ја погоди мрежата на Работнички, совладувајќи го од непосредна близина неговиот брат Игор на голот на гостите.

Во продолжение Работнички имаше две одлични шанси за израмнување. Марселин Гандо Биала излезе сам пред Стевковски и се обиде откосо да го лобува, но не погоди, а потоа Никола Манојлов со удар со глава не успеа да реализира од петерецот.

Работнички остана на 8-то место со 24 бодови, четири повеќе од следната Академија Пандев која има меч помалку и десет повеќе последното Скопје. Македонија Ѓорче Петров моментално со 28 бодови е на 6-та позиција, со бод повеќе пред Тиквеш кој исто така има натпревар помалку.