(ВИДЕО) Рекордни температури во Тунис, „пеколот“ се шири кон јужна Европа

Жешкиот бран кој го погоди северот на Тунис беше причина за рекордно високата температура измерена во главниот град – дури 49 степени Целзиусови, објави Метеоролошкиот институт на таа земја.

Во некои делови на земјата, високите температури доведоа до прекин на електричната енергија поради прекумерна употреба на климатизерите, бидејќи тоа дополнително врши притисок врз електричниот систем.

Институтот соопшти дека претходно рекордно високата температура измерена во Тунис била 46,8 степени во 1982 година. Во северните градови Бизерте и Беж вчера беа измерени високи температури.

https://www.youtube.com/watch?v=aQr9a4PMuuo&feature=emb_title

Шумски пожари се во тек и во делови од Тунис.

Панелот за клима на ОН предупреди во понеделникот (9 август) дека климатските промени наскоро ќе излезат од контрола и дека светот ќе се соочи со дополнително нарушување на климата во наредните децении, ако не и векови.

Застрашувачкиот топлотен бран се шири од Северна Африка до југот на Европа, напиша синоќа на Твитер шкотскиот метеоролог Скот Данкан.

– Ова е само почеток на страшниот топлотен бран, напиша тој, додавајќи дека вчера на Сицилија била измерена температура од дури 47 степени.

Скот Данкан пишува дека следува злобен топлотен удар во Шпанија.

Во медитеранскиот регион, високата температура придонесе за појава и ширење на шумски пожари кои уништија делови од Грција, Турција и Алжир.

Температурата на северот од Тунис се очекува денеска до крајот на денот малку да се намали до околу 40 степени Целзиусови.

Жешки бранови во Шпанија и Португалија

Шпанија и Португалија се соочуваат со температури на воздухот над 40 Целзиусови степени, бидејќи маса на топол и сув воздух се движи од Африка кон Пиринејскиот Полуостров.

Португалскиот премиер Антонио Коста денеска предупреди дека високите температури ја зголемуваат опасноста од шумски пожари во кои загинаа повеќе од 100 луѓе во таа земја во 2017 година.

Шпанските метеоролози најавуваат жежок бран со температури над 44 степени Целзиусови во некои области.

Неодамнешниот топлотен бран, кој ја зафати јужна Европа, а исто така беше предизвикан од топол воздух од Африка, придонесе за пожари во Турција, Грција, Алжир и други места на Медитеранот.

– Максималните и минималните температури ќе достигнат нивоа над нормалното за овој период од годината – објави шпанската метеоролошка служба.

Ваквите температури на воздухот не се невообичаени во Шпанија и Португалија, особено во текот на летото. Сепак, климатските експерти велат дека нема сомнение дека климатските промени предизвикани од согорување на јаглен, нафта и гас придонесоа за екстремни временски услови и феномени, како што се топли бранови, суши, шумски пожари, поплави и бури.

Португалскиот премиер Антонио Коста апелираше до граѓаните да преземат посебни мерки и да бидат внимателни за време на жешкиот бран и да се грижат за можноста од шумски пожари.

Тој додаде дека многу шумски пожари избувнале поради неодговорно однесување на луѓето.

Португалските власти соопштија дека можат да распоредат повеќе од 12.000 пожарникари, околу 2.700 возила и 60 авиони во текот на летната сезона.