(ВИДЕО) Русија ги обвини САД дека со ракетниот тест поттикнуваат воени тензии

Тестирање на крстосувачката ракета на островот Сан-Николас во американската сојузна држава Калифорнија, 20-ти август 2019 година

Русија ги обвини САД во вторникот за потикнување воени тензии со тестирањето на крстосувачкиот проектил лансиран од копно, но додаде дека нема да биде вовлечена во трка во вооружување.

Пентагон соопшти во понеделникот дека тестирал крстосувачка ракета која погодува цел на оддалеченост поголема од 500 километри, во прва таква операција откако САД претходно месецов се повлекоа од Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty).

САД официјално се повлекоа од овој договор обвинувајќи ја Русија дека наводно го кршела. Москва возврати со обвинување дека Вашингтон бара само изговор за своите акции и посочи дека САД две години пред да ја обвини Русија за кршење на договорот INF, започнале со подготовки за производство проектили кои се забранети со споменатиот договор. Американското лансирање беше забрането според договорот.

Според сознанијата на Русија, од јуни 2017 година американската воено-индустриска корпорација „Raytheon“, во градот Тусон во сојузната држава Аризона, започнала програма за проширување и модернизација на производствените капацитети за изработка на проектили со среден и кус дострел. Во текот на изминатите две години, областа на која се простира споменатата фабрика е зголемена за 44 отсто, од 55 на 79 илјади квадратни метри, а бројот на вработените на речиси две илјади, се вели во извештајот подготвен за медиумите на брифингот на руското министерство за одбрана. Покрај тоа, како што обвинува официјална Москва, во ноември 2017 година, речиси истовремено со почетокот на проширувањето на капацитетит на фабриката во Тусон, американскиот Конгрес ја доделил првата транша од 58 милиони долари на Пентагон, директно наведувајќи „За развој на копнена ракета со среден дострел“.

„За жал, САД очигледно тргнаа во насоката на јакнење на воените напнатости. Нема да им подлегнеме на провокациите. Нема да дозволиме да бидеме вовлечени во скапата трка во вооружување“, изјави заменмикот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.

Договорот INF забранува поседување проектили со дострел меѓу 500 и 5.500 километри, намалувајќи ја за двете земји можноста од изведување ненадеен нуклеарен напад.

Рјабков и покрај американското тестирање, исто така, ја повтори неодманешната изјава на претседателот Владимир Путин дека Русија воведува мораториум за развојот на овие проектили и оти нема намера да распоредува нови, освен доколку САД не го сторат тоа први.