Руските ракетни сили погодија седум украински борбени авиони во текот на ракетниот напад врз аеродромот Миргород во Полтавската област, соопшти во вторникот руското Министерство за одбрана
Полтавската област се наоѓа во централна Украина која граничи меѓу другите и со Харковската и со Сумската област каде од почетокот на мај руските трупи ги пробија украинските одбранбени линии.
Според руската војска, аеродромот во Миргород бил под баражен ракетен напад со проектилите од системите „Искандер-М“, а според руски воени блогери проектилите биле со касетно полнење, како одговор на неодамнешниот смртоносен напад со американските проектили АТАCMS врз Севастопол на Крим. Во овој напад биле уништени хеликоптер „Ми-24“, пет оперативни повеќенаменски борбени авиони „Су-27“ како и уште два авиона кои биле на ремонт, додека загинале до 20 украински војници.
Загубата на борбените авиони во текот на денот ја потврди и украинската војска, кои овие авиони ги користи за лансирање противрадарски проектили за уништување на рускиот радарски противвоздушен систем.
Украинските воени блогери ја обвинуваат украинската команда за разместување на скапата воена техника од која има голем недостиг Киев, на отворена воеана база на само речиси 100 километри од првата линија на фронтот.
Според отворени извори, на аеродромот Миргород е распоредена 831-та тактичка воздухопловна бригада на украинската воена авијација. Покрај тоа, во базата е лоциран и центар за обука на пилоти, а во близината има складишта и погони на автотранспортно претпријатие. Овој аеродром се користи како отскочен во авионските удари на украинската војска врз руските позиции во Запорошката област и во правец на црноморскиот полуостров Крим.
Нападот врз аеродромот доаѓа како дел од серијата руски ракетирања на аеродроми и локации кои можат да се користат за операции на авионите „F-16“ од американско производство за чие скоро предавање на Украина од западните сојузници на Киев сѐ почесто се зборува.
Така, подоцна ноќта кон средата на брифингот со новинарите во Вашингтон, портпаролот на Пентагон, Парик Рајдер соопшти дека неколку украински пилоти веќе ја завршиле обуката на ловците „F-16“ во САД и отпатувале на натамошна обука во Европа.
„Неколку пилоти веќе ја завршија обуката и заминаа на натамошна обука во Европа. Во моментов повеќе десетици пилоти ја минуваат подготовката за летање на F-16 во Данска и САД“, истакна Рајдер.
Пентагон не го открива точниот број украински пилоти кои ја минале обуката во САД.
Во вторникот, исто така, Холандија соопшти дека во најскоро време на Украина ќе ѝ го предаде првиот авион „F-16“ од ветените 24.
Москва повеќепати досега предупреди дека овие летала кои можат да носат нуклеарни проектили ќе се сметаат за директна закана за безбедноста и суверенитетот на Русија, како и дека легитимна цел ќе бидат и аеродромите во земјите од кои ќе полетуваат тие „F-16“ во операции против руската војска.