ВИДЕО| Руската авијација го погодила седиштето на украинското разузнавање во Краматорск, стотици убиени борци

Руската борбена авијација и артилеријата во последното деноноќие погодиле девет командни позиции на украинските војски, како и седиштето на Службата за безбедност на Украина (СБУ) во Краматорск, последниот голем град кој го контролира Киев во одметнатиот проруски регион Доњецк, соопшти во четвртокот руското министерство за одбрана според кое минатата седмица во напад крај Одеса на Црното Море биле убиени околу 600 украински војници и странски платеници.

„Оперативно-тактичката и армиска авијација, ракетните сили и артилеријата продолжуваат со напади врз воени објекти на територијата на Украина. Во текот на изминатото деноноќие беа погодени девет командни пунктови, вклучително и 59-та поморска бригада во Николаев, каде беа стационирани странски платеници, како и на 14-та механизирана бригада во областа на Артемовск и штабот на СБУ во градот Краматорск“, објавија во Москва.

Во ударите на руските сили, исто така, биле уништени шест магацини со муниција на украинската војска во Доњецката област, како и крај Дњепропетровск и Николаев, биле соопштено на редовниот дневен брифинг во руското министерство за одбрана, пренесува агенцијата РИА.

Во четвртокот, исто така, руското министерство објави дека во напад на руските воздухопловни сили крај црноморскиот пристанишен град Одеса изведен на 16-ти јули, биле убиени до 600 припадници на паравоените украински националистички единици, од кои 120 биле странски платеници.

Во информацијата добиена со разузнавачки активности, се наведува и дека нападот бил изведен врз рекреативен центар во селото Константиновка во областа на Одеса, каде што привремено биле сместени украинските и странските борци.

Истовремено, руското министерство за одбрана во четвртокот објави дека според ажурираните податоци, во нападот од 17-ти јули изведен со високопрецизни проектили врз територија на расадник крај Николаев биле „убиено повеќе од 320 украински националисти“.