(ВИДЕО) Серафимовска: Да се укине матурата за оваа година – да се донесат сет мерки за учениците  

ВМРО-ДПМНЕ предлага да се укине матурата за оваа година и да се донесат сет мерки за учениците.

„Електронското учење, односно користењето на мултимедија и интернет за образование на далечина не е новина, но оваа власт повеќе зборува и пишува препораки отколку што спроведува. МОН ги задолжи наставниците без реално да се согледаат можностите. Не смее да се дозволи цела генерација да ја повтори годината, само затоа што некој во владата не седнал и не размислил за начин и методологија како да ја заокружи учебната година“, изјави Христина Серафимовска.

Таа наведе мерки кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ и кои, според неа веќе се применувале во современиот свет.

„Предлагаме: Одлука со која полагањето на државна матура во сите средни училишта во Република Македонија за оваа учебна година ќе биде укинато. Полагање на матура може да биде организирано само за оние ученици кои имаат потреба од тоа, но таа да се полага во септември; Школската година да заврши на 10-ти јуни; Учениците да се оценат со средна оцена изведена од успехот на учениците во претходното полугодие, условено со завршени домашни задачи во периодот на вонредната состојба.

Потоа: Укинување на законските ограничувања за просечен успех кои се бараат за упис на повисока година во некои средни стручни училишта. Контролирано одвивање на учење и домашни задачи во домашни услови, да бидат ефектни и суштински без непотребно оптоварување на учениците. Да се интензивираат телевизиските програми со образовни содржини на сите јазици, и да бидат систематизирани по одделенија и предметни програми. Воведување на летен семестар за учениците со посебни потреби, кој ќе се одвива во соодветни услови за совладување на знаењата. Да се организираат обуки за изведување и следење на онлајн настава наменети за сите оние наставници и родители кои имаат потреба од ваков вид помош. Да се мапираат ученици од социјално ранливи категории кои имаат потреба од обезбедување на опрема за следење на онлајн настава и истата итно да се набави; Високообразовните институции да размислат целокупниот процес на упис на нови студенти да го организираат по електронски пат“, рече Серафимовска.

Според неа најважно во моментот е учениците и студентите да бидат без страв дека една година ќе им пропадне заради неорганизираност на власта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.