(ВИДЕО) Северна Кореја емитуваше снимка од големата воена парада

Севернокорејската државна телевизија почна во саботата да емитува снимка од големата воена парада одржана рано утрото во саботата по повод 75-годишнината од формирањето на владејачката Работничка партија на Кореја.

Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун одржа невообичаено обраќање заблагодарувајќи им се на помошта на оние кои ја пружиле за да се надминат штетите кои летово ги нанесе големата бура, според снимките емитувани на телевизијата.

Северна Кореја е единствената земја која се соочува со две кризи, здравствената поради коронавирусот и со штетите предизвикани од природните катастрофи, изјави Ким. Повтори дека во Северна Кореја нема регистриран ниеден случај на Covid-19, за што ѝ се заблагодари на војската која помага во спречувањето на каква и да е епидемија, а на соседна Јужна Кореја ѝ посака брзо надминување на кризата со епидемијата. Ким притоа истакна дека Covid-19 не би можел да се спречи без социјализмот.

Годишнината, која е вообичаено проследена со низа концерти и други свечености како и отворање големи производни и инфраструктурни капацитети, со внимание се следи во светот, бидејќи тоа е еден од настаните од кои Ким Џонг-ун упатува пораки наменети за домашната и светската јавност,.

Претходно во саботата Здружената команда на јужнокорејската војска објави дека се забележани знаци за одржување на парадата во севернокорејската престолнина Пјонгјанг, но без поединости.

„Има знаци дека Северна Кореја одржала воена парада на Плоштадот Ким Ил-сунг на која учествувале голем број војници со воена опрема. Јужна Кореја и американските разузнавачки служби внимателно го следат развојот на настаните, а постои можност дека тоа бил централниот настан“, се вели во соопштението на јужнокорејското министерство за одбрана.

Првпат севернокорејската воена парада е одржана речиси во мугрите, а јужнокорејските власти сметаат дека Ким ја искористил парадата за да демонстрира моќ пред американските претседателски избори на почетокот од ноември, бидејќи преговорите за денуклеаризација на Корејскиот полустров со американскиот претседател Доналд Трамп западнаа во слепа улица.

Со седмици претходно сателитите испраќаа снимки од илјадници војници на севернокорејската армија кои вежбаат марширање, а јужнокорејската војска објави дека Северот би можел да ја искористи парадата за да ги покаже новите интерконтинентални балистички проектили (ICBM) или нови балистички ракети кои може да бидат лансирани од подморници.

Странските дипломати во Пјонгјанг често добиваа покани да присуствуваат на вакви манифестации, но руската амбасада објави на социјалните мрежи дека дипломатската мисија добила упатство „колку што е можно да се воздржи“ од патувања во градот.

Исто така, ниеден странски новинар не примил покана за настанот. Многу амбасади се затворени поради епидемиолошките ограничувања а бројот на странските набљудувачи во земјата е многу органичен. Државните медиуми пренесуваат дека мерките за ограничувања се воведени поради спречување на појава на епидемијата и се причина за доцнењето на некои важни економни и градежни проекти.

Меѓународната заедница ѝ наметна на Северна Кореја низа драконски санкции поради нејзината нуклеарна програма и развојот на балистички проектили со долг дострел чие тестирање редовно предизвикува вознемиреност во овој дел од Азија.

„Меѓутоа тоа, сепак, е импресивен голем собир во текот на глобалната пандемија, што зборува дека севернокорејските власти повеќе се загрижени за политичката историја и националниот морал отколку за тоа како да се спречи ширењето на коронавирусот“, заклучува Лејф-Еријк Исли, прадвавач на Универзитетот Ива Воменс во Сеул.

Последен пат Северна Кореја ја пренесуваше воената парада во живо во 2017 година, кога покажа бројни интерконтинентални проектили во време на големите тензии со САД. Овие ракети за кои постојат мислења дека може да понесат нуклеарна боева глава, повторно беа прикажани на парадата во февраури 2018 година, но ниту тогаш странските новинари не беа поканети. Набрзо потоа Ким ги започна средбите со меѓународните челници, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп, по овие проектили повеќе не беа прикажувани во јавноста.