(ВИДЕО) Шампионот подобар од Далас, не помогна и враќањето на Дончиќ

Лука Дончиќ се врати во тимот на Далас, но не успеа да го одведе до победа во дербито против Голден Стејт кој директно одлучуваше за место во разигрувањето за титулата.

Шампионот како гостин славеше со 127-125 што е втор триумф во низа на гостински терен по 11. порази претходно. Дончиќ пропушти пет натпревари пред овој меч поради повреда на бутниот мускул на левата нога и синоќа постигна 30 поени и 17 асистенции, но со лош шут од игра, 11/27. Во отсуство на Кајри Ирвинг се истакна Џејден Харди со 27 поени.

Натпреварот го одбележа моментот во третата четвртина кога судиите досудија топка за Далас, а веднаш потоа следуваше тајм аут. Додека играчите одмораа, арбитрите ја сменија одлуката, но никој во Мавс не го забележа тоа и домашните кошаркари останаа на спротивната страна. По неколку секунди чекање, судиите им дозволија на играчите на Голден Стејт да изведат од под кош и тие постигнаа лесни поени. На крајот, Вориорс победија со два разлика, но иако станува збор за скандалозен момент, не може да се каже дека решавачки беше токму тој кош бидејќи се се случуваше во третата четвртина и домаќините имаа доволно време да го свртат резултатот.

Најефикасен кај Голден Стејт беше Џонатан Куминга со 22 поена, а Стеф Кари постигна 20 поени со 13 асистенции и 5 скока. Со оваа победа актуелниот шампион отиде на шестото место на табелата со биланс 38/36, додека Далас падна на деветтата позиција и им виси пласманот дури и во плејин, бидејќи од 11-пласираниот Њу Орлеанс има само една победа повеќе, со натпревар плус.