ВИДЕО| Шести полицаец осомничен за насилната смрт на Тир Николс

Против шести полицаец е покрената дисциплинска истрага поради претепувањето до смрт на 29-годишниот црнец Тир Николс, поради што се отпуштени и обвинет за убиство петмина полицајци, исто така, црнци, соопшти во понеделникот полицијата во Мемфис.

Престон Хемфл, бел полицаец кој од 2018 година работи во Мемфис на југот на САД, „привремено е отстранет од службата на почетокот на истрагата (…) заедно со другите колеги“, изјави портпаролката на месната полиција Кин Елдер, во писмена изјава за медиумите без да наведе други поединости.

Тир Николс полицајците го уапсиле на 7-ми јануари во Мемфис поради сообраќаен прекршок и го претепале. Три дена подоцна починал во болница.

Инцидентот бил снимен од полициските и од надзорните камери, а снимките беа објавени во петокот. На нив се гледа како полицајците грубо го извлекуваат младиот маж од возилото. Додека лежеле на земјата го испрскале со солзавец и го погодиле со елетрошокер. Николс се ослободил и почнал да трча кон куќата на мајка му. Кога полицајците го стасале, почнале да го удираат со нозе, тупаници и палки.

На јавноста досега не ѝ е откриена која била улогата на секој од полицајците поединечно во инцидентот. Но адвокатите на семејството на Тир Николс мислат дека Престон Хемфил го употребил електрошокерот за онеспособување на момчето. Според нив, рекол притоа „се надевам дека ќе го разбие“, кога неговите колеги потрчале по Николс.

„Зошто неговиот идентитет и улогата во смртта на Тир се објавени дури денеска? Се прашуваме зошто белецот вмешан во овој груб напад бил заштитен од вниманието на јавноста, дисциплински мерки и прогон?“, запрашаа во соопштение адвокатите Бен Крамп и Антонио Романучи додавајќи дека ги бараат „одговорите на сите прашања“.

Несреќата со Николс уште еднаш ја згрози американската јавност. Неколку протести се одржаа изминатиот викенд ширум САД, но веројатно што не станува збор за расно мотивирана полициска бруталност, не добија димензии какви што имаше мобилизацијата по смртните случаи по полициска бруталност од бели полицајци врз осомничени црнци, која започна во пролетта 2020 година кога Џорџ Флојд почина откако бел полицаец повеќе од девет минути му го притискал вратот додека лежел на земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.