(ВИДЕО) Силен земјотрес ја погоди Турција – куќи срамнети со земјата, луѓето панично бегаат

Земјотрес со јачина од 5,4 степени го потресе градот Озалп, во провинцијата Ван, во близина на турската граница со Иран, на длабочина од 6,9 километри, соопшти управата за вонредни состојби на Турција.

Земјотресот се случил околу 13 часот по локално време и се почувствувал во соседните провинции.

Гувернерот на провинцијата Ван, Мехмет Емин Билмез, рече дека земјотресот предизвикал „умерено“ или „силно“ оштетување на куќите во околу 15 населени места во Озалп, како и во десетина блиски села.

Пет лица се хоспитализирани со полесни повреди што ги добиле додека бегале од оштетените куќи, изјави гувернерот.

„Ниту еден граѓанин не е заробен под урнатините“, рече тој.

Турција се наоѓа на трусно подрачје, па земјотресите се чести, а најсилниот се случи во 1999 година, на северозападниот дел на земјата, во кој загинаа околу 18.000 луѓе.

https://www.youtube.com/watch?v=RP5_RpW54qo&feature=emb_logo