Видео| Силен земјотрес од 7,1 степен според Рихтер утрово ги погоди Филипини

Земјотрес со јачина од 7,1 степен според Рихтеровата скала е регистриран на Филипините утрово во 2:43 часот, соопшти ЕМСЦ. Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10 километри и 13 километри југоисточно од гратчето Долорес на островот Лузон. Се почувствувал и во главниот град Манила, на повеќе од 400 километри оддалеченост од епицентарот, каде работниците и жителите се евакуирале од зградите и се собрале на улиците.

Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија ги предупреди граѓаните на можноста од последователни потреси, но додаде дека нема опасност од цунами, пишува Си-ен-ен.

Претставничката Чинг Бернос рече дека земјотресот „предизвика штета на многу домаќинства и институции“. Фотографиите од покрианата Абра покажуваат значителни штети на некои згради.

Гардијан јави дека најмалку две лица загинале, а десетици се повредени.

Епицентарот на земјотресот е во провинцијата Абра во планинска област, изјави шефот на филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија, Ренато Солидум.

„Земјата се тресеше како да сум на лулашка и светлата наеднаш се изгаснаа. Истрчавме од канцеларијата и слушнав крици, а некои од моите придружници беа во солзи“, рече Мајкл Брилантес, офицер за безбедност во градот Лагангиланг во Абра, во близина на епицентарот.