(ВИДЕО) Синот на Муса Џафери го нападнал Марко Бислимоски

Доцна синоќа во Скопје физички е нападнат претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Причина за нападот е постапката за одземање на лиценца на фирма која се занимава со снабдување со струја.

Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во понеделникот доцна вечерта, објавува Дојче веле.

Очевидци на настанот велат дека Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски во еден скопски ресторан и по неколку минутен разговор физички се пресметал со него. Аријанит Џафери најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале во непознат правец.

Сведоци на настанот велат дека Џафери со својата придружба седел на соседната маса до Бислимоски и во текот на вечерта во неколку наврати го провоцирал, но тој не одговарал на провокациите. Потоа седнал до него на масата со објаснување дека сака да поразговара со него, но по неколку минути го нападнал. Џафери барал од Бислимоски да ја запре постапката против неговата фирма, а кога тој одбил, Џафери почнал да го удира по главата.

Полицијата брзо пристигнала на местото на настанот, но не успеала да го пронајде напаѓачот.