(ВИДЕО) Снимка од авионската несреќа на аеродромот во Истанбул во која загина едно лице и речиси 160 се повредени

( Muhammed Enes Yıldırım - Anadolu Ajansı )

Едно лице почина, а 157 се повредени кога авион со 177 патници и шест членови на екипажот слетувајќи по лошо време удри на пистата од 30-ина метри височина на истанбулскиот аеродром „Сабиха Ѓокчен“ во средата ноќта, при што се распадна на три дела и се запали, пренесе телевизијата CNNTurk.

На емитуваните снимки се гледа како авионот со голема бризна се движи по пистата, по што излетува надвор од неа и паѓа во јаз. Кадрите кои ги прикажуваа турските телевизии покажаа како неколку лица се провираат низ голема пукнатина во трупот на авионот и бегаат преку едно од крилата на задниот дел.

Авионот од типот „Boeing 737-800“ на турската нискобуџетна воздухопловна компанија „Pegasus Airlines“ летал од градот на егејското крајбрежје Измир кон Истанбул. Авионот најверојатно бил зафатен од силните ветови и обилните дождови кои ја погодија турската метропола во средата.

„Во овој момент имаме 157 повредени лица кои се сместени во билниците а еден наш сограѓанин го загуби животот“, изјави пред новинарите турскиот министер за здравство, Фахретин Коча.

„Некои од патниците самите се евакуираа од авионот, но другите беа заглавени во внатрешноста, а нашите спасувачи работат на нивното ослободување“, рече министерот за транспорт Мехмент Чахик Турхан

Гувернерот на регионот на Истанбул, Али Јерликаја, изјави за новинарите дека авионот „се лизгал околу 60 метри“ откако ја изминал пистата, а потоа „паднал низ јаз од околу 30 до 40 метри“. Несреќата, која тој ја припишува на лошите временски услови, „можеше да има и посериозни последици“, рече гувернерот.

Според телевизијата NTV, авионот се распаднал по „силното приземјување“ на еден од двата главни меѓународни аеродроми во Истанбул. Предниот дел на леталото, вклучително и кокпитот, биле отсечени од поголемиот дел од трупот, а уште една огромна пукнатина го одделила задниот дел на авионот, вклучително и опашката.

Аеродромот „Сабиха Ѓокчен“, кој се наоѓа на азиската страна на Истанбул, е затворен и летовите се пренасочиваа кој главниот аеродром „Ататурк“.

Сличен инцидент се случи на истиот аеродром на 7-ми јануари со „Boeing 737“ на компанијата „Pegasus“, кога авионот долетал во Истанбул од градот Шарџа во Обединетите Арапски Емирати. Како што тогаш соопшти истанбулскиот гувернер, сите 164 патници кои во втреме на несреќата биле во авионот биле безбедно евакуирани и немало повредени.

Во јануари 2018 година, „Boeing 737-800“ на „ Pegasus“ се излизга на насипот на аеродромот во Трабзон на Црното Море и слета на само неколку метри од водата откако за среќа тркала заглавеија во густата кал. Тогаш сите 162 патници и шест членови на екипажот беа безбедно евакуирани во ризична операција. Беа потребни четири дена авионот да биде вратен на пистата, прио што беа користени кранови.

Воздухопловната компанија „ Pegasus“ лета веќе 20 години, а има флотила од 83 авиони, од кои 47 се „Boeing“ а 36 се „36 Airbus“, според мрежаната страница на компанијата.