ВИДЕО: Со акцијата „Мрежа“ се ловат уличните дилери низ Македонија

Со акцијата „Мрежа“ која започна вчера Министерството за внатрешни работи започна широк фронт против дилерите кои растураат дрога на македонските улици.

На денешната пресконференција Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, истакна дека веќе се регистрирани поединци и групи кои на ситно препродаваат различни видови дрога, доведувајќи ги во опасност животите на илјадници млади лица во Скопје и во останатите градови.

Таа појасни дека разоткриле криминална група која се занимава со препродажба на амфетамини и марихуана.

„Неодамна беа лишени од слобода две лица на возраст од 30 и 35 години. Кај едниот од нив беа пронајдени две пакувања наркотична дрога марихуана, додека кај вториот беа пронајдени и одземени 50 грама наркотична дрога марихуана. За двете лица беше утврдено дека марихуаната ја имаат набавено од 32 годишно лице, дилер од Скопје-организатор на криминалната група“, образложи министерката која додаде дека организаторот на групата не е пронајден.

Во неговиот дом е пронајден и запленет прибор за пакување на дрога, телефони и лап топи. При претрес на неговиот дом полицијата два бункери за складирање на дрога и тоа едниот во шанкот на дневната соба, а вториот во подот под брачниот кревет во спалната соба, како и многу други украсни предмети пронајдени во неговиот дом во кои има изработено специјален простор за складирање и чување на наркотична дрога.

Министерката појасни дека во борбата со недозволената трговија со дрога се извршени и претреси во домовите на уште три лица, за кои се верува дека соработувале со организаторот, при што кај едно 26- годишно лице пронајдени се пет грама марихуана, две цигари со марихуана и 300 семки..

„Одделот за недозволена трговија со наркотици и понатаму ќе продолжи да презема дополнителни мерки и активности а ние како служба во целост им стоиме на граѓаните и ги повикуваме да ги пријавуваат сите сомнителни лица во нивните средини“, потенцираше министерката која додаде дека очекуваат поддршка и помош од граѓаните.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.