ВИДЕО| Спречен терористички напад врз гасовод за испораките во Турцијa и Европа

Спречен е терористички напад врз гасоводот преку кој се испорачува енергенсот во Турција и југоисточна Европа, за кој бил подготвен агент на украинското разузнавање, рекле во четвртокот извори од руската безбедносна агенција Федерална служба за безбедност (ФСБ).

Агентот на Службата за безбедност на Украина (СБУ), кој го подготвувал нападот според инструкциите на украинските специјални агенции, е приведен заедно со неговите четворица помагачи, пренесува агенцијата ТАСС повикувајќи се на извори од ФСБ.

„ФСБ спречи обид на украинските специјални служби да извршат саботажа и терористички чин во објектот на нафтено-гасен комплекс кој ги снабдува Турција и Европа со енергија“, изјавиле изворите на агенцијата.

Во моментот кога во таен магацин биле запленети две импровизирани кумулативни експлозивни направи со голема моќност, приведен бил и осомничениот за извршување на нападот, 44-годишен руски државјанин кого украинското разузнавање го врбувало во Украина.

„Покрај тоа, приведени се четворица соучесници на украинските тајни служби, државјани на Русија, кои осигурувале подготовка за диверзијата“, додале од ФСБ.

Кај украинскиот агент биле запленети комуникациски уреди и преписка со водачот на акцијата од СБУ, која содржела упатства за составување на експлозивните направи и за трансфер на пари. Истовремено, кај уапсениот пронајдени се и координатите на локацијата на којашто требало да биде предизвикана експлозијата. Точната локација на наводниот терористички чин, сепак, не е објавена.