ВИДЕО| Стадо диви слонови се движи низ Кина, будно следено од јавноста

Стадото диви слонови чиј поход деновиве со големо внинамие и забава е следено во цела Кина, морало да се запре и да го сочека младиот слон кој заостанал зад групата 14 километри, пренесуваат медиумите.

Стадото од 15 слонови, меѓу кои и три младенчиња, минало повеќе од 500 километри движејќи се по југозападот на Кина, откако на почетокот од годинава го напушти резерватот во Ксишуангбани, регионот кој граничи со Виетнам, Лаос и Мјанмар.

Походот на слоновите со голем интерес се следи во цела Кина, чијашто национална телевизија CCTV директно на итнернет го следи нивното движење 24 часа на ден.

Но младиот мажјак, чија возраст се проценува на околу десет години, на почетокот од јуни се одвоил од остатокот од стадото и е сѐ подалеку од него. Толку е далеку што женките последните денови го забавиле своето движење, правејќи одмор во близина на село 90 километри јужно од Кинминг, главниот град на покраината Јунан, се наведува во најновиот прилог на CCTV.

Слоновите се обиделе да го довикаат заостанатиот сопатник, јавува за порталот Caixin професорот Чен Мингјонг, од Универзитетот во Јунан. Но младиот слон не го забрзал чекорот, додава. Младите мажјаци обично го напуштаат стадото за да бидат сами додека полово не созреат.

Движењето на овие слонови се следи со дронови и стотици службеници интервенираат за да се евакуриа населението коешто се наоѓа на нивната патека. Неколку илјади луѓе веќе мораа да ги напуштат своите домови од претпазливост.

Животните изгледаат здраво и засега нема повредени во текот на нивното движење кон населените места, преминувањето на автопатите и нивното влегување во куќи и остави во потрага по храна. Штетата на земјоделските култури кои ја предизвикале слоновите се проценува на речиси милион евра. Се стравува, исто така, дека можни се судири меѓу селаните и слоновите по влегувањето на животните во селата во потрага по плодови.

Иако сезоната на дождовите го отежнува движењето на слоновите, стручњаците за изданието на дневниот весник The Global Times од вторникот велат да не се очекува дека пред зимата тие ќе се вратат во подрачјето од коешто тргнаа на патешествието.

Додека тоа не се случи, „најдобро би било да им се најде место на коешто би можеле да престојувааат и кое најдобро би им одговарало, далеку од луѓето, и таму да бидат привлечени“, вели биологот од Универзитетот во Пекинг, Жанг Ли.

Локалните власти на Јунан изминатите седмици користеа различни препреки на патишата и тони храни за да го пренасочат стадото, истовремено евакуирајќи го локалното население.

Иако е нејасно зошто слоновите се движат кон северот, агенцијата Xinhua наведува дека намалувањето на фондот на хранливо растение во шумите ги загрозило слоновите, чиј број во Јунан пораснал претходните седмици.