11.8 C
Skopje
четврток, април 25, 2024

(ВИДЕО) Стефковски: Георгиевски склучи договор со приватна агенција во износ од 15.000.000 денари

Досега во неколку наврати посочувавме на недомаќинското и незаконското работење на градоначалникот Борис Георгиевски, рече на прес конференција Бобан Стефковски од ВМРО – ДПМНЕ.

„Иако се уште е актуелен скандалот кога градоначалникот Георгиевски во период на пандемија кога имаме недостаток на заштитна опрема за здравствените работници и граѓаните, недостаток на респиратори, отпуштање на медицински работници и секојдневно губење на човечки животи, склучи договор со една приватна агенција за ангажирање на работници, а сумата на склучениот договор изнесуваше ни помалку ни повеќе туку 15.000.000 денари, тој повторно одлучи да лови во матно“, вели Стефковски, додавајќи дека од злоупотребите и матното работење на Борис Георгиевски почнале да се дистанцираат и неговите коалициони партнери, тоа е доволен знак дека на една година од истекот на неговиот мандат како градоначалник на Општина Гази Баба, го напуштаат сите.

„Како и секогаш така и сега, Георгиевски се крие позади празни флоскули кои му ги смислуваат соработниците, иако одамна го изгуби кредибилитетот како прв човек во општината. Господине Георгиевски треба да им одговорите на граѓаните дали поради бизнис интереси и соработка со урбаната мафија ја оставивте општината без градежен инспектор? Дали така возвраќате за некакви услуги во време на изборните кампањи? Дозволувате ли одобренија за градба спротивно на Закон во услови кога нема кој да ги контролира тие градби? Зошто не постапувате согласно закон за бесправно изградените објекти?“, праша Стефковски.

Токму во ова време кога сите граѓани се засегнати од пандемијата со корона вирусот Георгиевски овозможувал хаос во градењето на територијата на Општина Гази Баба.

„Да ве потсетам дека ваша обврска како градоначалник е комуникација и решавање на проблемите на граѓаните, но и да овозможите навремено и непречено функционирање на сите сектори во општина Гази Баба. Не можете вашите намерни пропусти постојано да ги препишувате на други. Со еден збор вие немате ниту план, ниту визија за работа. Овој скандал ќе биде детално испитан и обелоденет од страна на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи очигледно сега Георгиевски е заштитен од централната власт“, смета Стефковски и порача: Стоп за урбанистичкиот хаос во Општина Гази Баба, стоп за оддолжувањата на Борис Георгиевски врз грбот на граѓаните!