(ВИДЕО) Тајфунот ги разори Филипини, 230 мртви и многу исчезнати

Тајфунот Тембин ги опустоши Филипини оставајќи зад себе најмалку 230 мртви и голем број исчезнати лица во поплавите и одроните на почвата во јужниот дел од земјата.

Сѐ уште се трага по околу 120 исчезнати во погодената покраина Минданао, на истоимениот втор по големина филипински остров, соопштија полицијата и локалните служби за вонредни состојби, во кои се соопштува дека најмалку 40.000 луѓе се сместени во центрите за прифаќање на евакуираните чијашто бројка изнесува околу 70.00 лица.

Снимките на локалните телевизии прикажуваат остатоци од домови коишто ги проголтала поплавата. Војници, полицајци и волонтери користат јажиња за да ги минат надојдените реки и да дојдат до луѓето коишто треба да ги евакуираат. Патиштата се преполни со искорнати стебла, камења и урнатини, а многу се блокирани од одроните на земјиште.

Портпаролката на државната управа а превенција на природните катастрофи, Ромина Марасиган, се пожали на високиот број жртви од Тембин и покрај повиците за превентивна евакуација на населението.

„Сакаме повторно да ја потсетиме јавноста дека, додека бурите се случуваат секоја година (по околу 20 годишно во просек ги погаѓаат Филипини – з.р.), не смееме да ги игнорираме предупредувањата кои властите ги повторуваат. Секогаш мора да внимаваме на повиците за евакуација, поради сопствената безбедност“, изјави Марасиган.

Најмногу жртви има во покраината Ланао дел Норте каде што загинале 127 лица. Во покраината Замбоанга загинале 65, а 26 жртви има во покраината Ланао дел Сур, објави полицијата. Осум лица загинале и во покраините Букиднон и Мисамис, како и во градот Илиган.

Пред да ги напушти Филипини и да продолжи кон Јужнокинеското Море, тајфунот го погоди и туристичкиот остров Палаван, но засега нема податоци за жртви од таму. Тајфунот Тембин ги погоди Филипини помалку од една седмица по минувањето на тропската бура Каи-Тал која го погоди централниот дел од земјата и успрти 54 лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.