ВИДЕО| Тројца новинари повредени на протестите во Берлин

Најмалку пет новинари биле нападнати во саботата во текот на протестите во Берлин против ограничувањата во врска со епидемијата на коронавирусот, а тријца од нив биле повредени, објави весникот Der Tagesspiegel повикувајќи се на портпаролот на синдикатот Verdi.

Во текот на протестот, кој претходно беше забранет од берлинската полиција поради непочитување на епидемиолошките норми од страна на учесниците, како што пишува весникот се појавила група членови на неонацистичко движење од Бранденбург, која ги нападнала новинарите.

Според процените на берлинската полиција, во саботата на недозволениот протест во Фридрихшаин, еден од квартовите на германската престолнина учествувале неколку стотици до илјада луѓе.

Како што изјавил претставникот на синдикатот Verdi, една од повредените новинарки била турната на земја од хулиганите и клоцана. Додал дека зад нападот стојат „познати десничарски радикали“.

На известувачот на весникот Der Tagesspiegel непознат маж му го грабнал од рацете мобилниот телефон, по што дошло до меѓусебна пресметка по која новинарот успеал да си го поврати уредот. Според полицијата, осомничениот за овој инцидент е приведен.

„Водиме истрага поради сомневања за дело кражба со употреба на насилство“, изјавил полицискиот портпарол за весникот Bild и додал дека уште неколку лица биле приведени поради непочитување на епидемиолошките ограничувања и поради спротиставување на наредби на полициските службеници.

Берлинските градски власти уште во петокот го забранија одржувањето на протестот, на кој според најавите требало да учествуваат илјада луѓе, поради стравувањата дека демонстрантите нема да ги почитуваат епидемиолошките мерки.

Протести против новите мерки во саботата се одржаа во голем број други градови ширум Германија, вклучително и во Хановер, Хамбург, Потсдам и Франкфурт.

Во четвртокот канцеларката на заминување Ангела Меркел, по преговорите со премиерите на 16-те сојузни покраини на кои учествуваше и најверојатниот иден канцелар Олаф Шолц, објави дека сојузната влада се согласила на ограничување на пристапот до малопродажните продавници за невакцинираните лица, со исклучок на аптеките и супермаркетите.

Претходно во сите региони влезот во баровите и рестораните беше забранет за невакцинираните. Дополнително, според новите прописи, на невакцинираните ќе им биде дозволено да се собираат само во мало друштво, со најмногу две лица од друго домаќинство, со исклучок на децата.

Властите не се одлучија за затворање на училиштата, а наместо тоа се заострува режимот за носење маски во сите образовни институции. На фудбалските стадиони може да биде исполнет до 30 отсто од капацитетот, културните настани може да ги посетуваат најмногу до пет илјади луца истовремено. Планирано е во кампањата за вакцинација против Covid-19 и фармацевтските работници со цел до крајот на декември да бидат дадени уште 30 милиони вакцини.