ВИДЕО| „Virgin Galactic“ ги однесе првите туристи во Вселената

Првите патници кои ги превезе компанијата „Virgin Galactic“ стасаа во четвртокот во Вселената, соопшти компанијата којашто ја основаше британскиот милијардер и магнат во комерцијалната астронаутика Ричард Брансон кој со тоа го исполни ветувањето дадено пред дваесет години.

Тројцата патници: 80-годишниот Џон Гудвин, 46-годишната Кеијша Шафафф и нејзината 18-годишна ќерка Анастатија Мајерс, минаа неколку минути во Вселентата, од каде што можеа да ѝ се восхитуваат на заобленоста на Земјата и кусо да лебдат во бестежинска состојба, наведува компанијата која вршеше видео-пренос од летот.

Мисијата наречена „Galactic 02“ е вториот комерцијален лет на „Virgin Galactic“, по првиот кој беше реализиран кон крајот на јуни.

Големиот авион-носач полета од конвенционалната писта во Њу Мексико и по фазата на искачување го лансираше леталото на ракетен погон коешто наликува на голем приватен авион.

Потоа леталото го вклучи својот мотор и забрзуваше вертикално додека не ја надмина височината од 80 километри, којашто американската војска ја смета за границата од којашто започнува Вселената. Леталото достигнало височина од 88 километри, според коментаторот на директниот видео-пренос.

Вселенското летало набрзо потоа почна да се спушта лебдејќи, а потоа слета на истата писта од којашто полета.

Кеијша Шафафф и нејзината ќерка Анастатија Мајерс од Карибите го освоија билетот на играта на среќа којашто ја организираше „Virgin Galactic“. Третиот патник, Британецот Џон Гудвин учествуваше на Олимписките игри во 1972 година. Тој боледува од Паркинсоновата болест и е втората личност со оваа болест којашто претстојуваше накусо во Вселената. Иако има 80 години, тој не е најстариот вселенски патник, бидејќи таа „титула“ му припаѓа на Вилијам Шатнер кој има 90 години.

Околу 800 клиенти купиле билет за патување во Вселената по цена којашто во почетокот изнесуваше од 200.000 до 250.000 долари, а подоцна се зголеми на 450.000 долари.