(ВИДЕО) Во Барселона најмалку 46 повредени во судирите меѓу полицијата и демонстрантите

Во судирите меѓу заговорниците на независна Каталонија и полицијата ноќеска , има околу 46 повредени лица.

По мирните протести , доцна синоќа околу 10 000 членови на организацијата ,,Одбори за одбрана на Републиката” (ЦДР) се собраа пред зградата на полицијата во Барселона , каде се судрија со полицајците.

Демонстрантите први фрлаа гумени топчиња кон зградата на полицијата, симболизирајќи ги гумените куршуми што ги користи шпанската полиција за растурање на толпите. Потоа, полетале лименки пиво, шишиња, јајца и петарди, а полицијата одговорила со пендреци. Контејнерите и барикадите повторно беа запалени.

Брзата помош соопшти дека 44 лица побарале медицинска помош во Барселона и уште двајца во блискиот град Матари.

ЦДР, чадорот под кој се наоѓаат неколку групи застапници за независност на Каталонија , беше создаден во 2017 година под името Комитети за одбрана на референдумот, а откако беше прогласена Републиката, го смени своето име. Најмногу се состои од помлади луѓе кои бараат од каталонската влада да ја спроведе претходно прогласената независност. Тие бараат заминување на шпанската полиција од Каталонија, автономна провинција со население од 7,5 милиони и се изнервирани од пресудите за вкупно 12 политичари кои го организираа референдумот.

И покрај повиците на каталонската влада за мирни протести, организацијата продолжува да се судира со полицијата.

Од донесувањето на пресудата  на Врховниот суд пред две недели , вкупно 650 луѓе се повредени во протестите во Каталонија, вклучително и многу полицајци.

Најновиот судир следува по мирниот протест со 350.000 застапници за независност кои излегоа на улиците на Барселона да бараат ослободување на затворените политичари. Меѓу демонстрантите беше и Ким Тора, премиерот на каталонската влада, кој најави нов референдум за независност во наредните две години, до крајот на неговиот мандат.