12.8 C
Skopje
вторник, април 23, 2024

(ВИДЕО) Во Бејрут изгорела хуманитарната помош

Големиот пожар, што избувна денеска  во еден магацин во пристаништето Бејрут, ја уништи главната хуманитарна помош на Црвениот крст и уште еднаш ги налути Либанците кои сè уште не се опоравиле од експлозијата што го уништи градот пред пет недели

Целото попладне небото над Бејрут беше покриено со густ црн чад. Пожарот избувнал во еден магацин каде се чувале канистри со нафта, соопшти војската.

„Според првите информации, пожарот избувнал додека некој работел со електрична пила, чии искри го предизвикале пожарот“, се вели во изјавата на министерот за транспорт и јавни работи, Мишел Најар.

Вечерва, Меѓународниот црвен крст објави дека чува „илјадници пакувања со храна и половина милион литри масло“ во тој магацин.

„Нашата хуманитарна операција може сериозно да биде загрозена“, предупреди директорот на Црвениот крст за Блискиот исток Фабрицио Карбони на Твитер.

Оваа помош е уште поважна затоа што, во време на тешка економска криза, беа уништени цели населби и стотици илјади луѓе ги загубија своите домови откако огромна количина на амониум нитрат складиран во пристаништето експлодира на 4 август. Повеќе од 190 лица загинаа, а 6.500 беа повредени.