ВИДЕО| Во експлозија во Кабул загинаа двајца руски дипломати

Меѓу 15 и 20 лица загинале во експлозијата којашто во понеделникот одекнала во авганистанската престолнина Кабул, а руското министерство за надворешни работи потврди дека меѓу жртвите се и двајца дипломати при тамошната амбасада, Ariana News.

Според неофицијалните податоци од авганистанските медиуми, кои се повикуваат на полициски извори, малку пред 11 часот по локално време во понеделникот бомбаш самоубиец извел напад во близина на влезот на руската амбасада во Кабул.

Извори од руската дипломатија за агенцијата РИА изјавиле дека експлозијата одекнала кога дипломатите им пришле на лицата кои поднесувале документи за добивање визи.

Засега ниедна групација не ја презема одговорноста за нападот, но откако талибаните ланскиот август се вратија на власт, зачестија бомбашките напади на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава, кои досега беа главно насочени кон малцинската шиитска хазарска заедница во авганистанската престилнина.