ВИДЕО: Вооружени лица ја запоседнале Врховната Рада во Крим, развеано руското знаме

Зградата на кримскиот парламент е под контрола на претставници на самоодбраната на руското население во Крим, објавува новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на сопствени извори, пренесува Нетпрес.

Според објавената информација, на територијата на целиот полуостров стихијно се формираат одреди за самоодбрана.

Над кровот од зградата на парламентот во Крим се вее знамето на Русија. Во овој објект, во кој се сместени Врховната Рада и Советот на министри на Крим, е завземен од околу 60 вооружени лица, објавуваат украинските медиуми. 

Упадот се случил вчеравечер. Вооружените побарале од обезбедувањето да го предаде оружјето и да го напушти објектот.

Локалната полиција, пак, објавила тревога и веднаш го опколила објектот на кримскиот парламент. Според изјави на очевидци, лицата кои го извршиле упадот се добро вооружени и „очигледно станува збор за професионалци“. Сведоците дополниле дека упадот се случил многу бргу , а го извела група од околу 30 лица. Веднаш потоа го изнела од зградата целото обезбедување и полицајците, а по кусо време пристигнал автобус со уште 30 вооружени лица, кои им се придружиле. Очевидците тврдат дека лицата биле вооружени со автоматски пушки, со снајперски пушки, со пушкомитралези и со рачни фрлачи на гранати.