(ВИДЕО) Вработен од Град Скопје пцуе и навредува граѓани кои чекаат ред

Вработен во една од бараките на Град Скопје, каде што се плаќа данок за имот, на дрзок начин, со гласно викање им се обраќал на граѓани кои чекале ред. Од објавената снимка се гледа како тој ѝ вика на повозрасна жена која чекала ред и поставила прашање, но не само со неа вработениот имал исти однос со сите кои биле пред бараката.

Според сведочењето на граѓанин кој бил присутен пред Град Скопје, вработениот кој воведувал ред упатил и пцости кон девојка, на која ѝ рекол: „Земи извини ми се ма сељанко една“.

За ваквиот инцидент, градоначалникот Петре Шилегов најави дека ќе се спроведе дисциплинска постапка против вработениот. Граѓанинот кој го објави дрското однесување вели дека граѓаните го чекале вработениот еден час пред бараката на Град Скопје, бидејќи, според неговите кажувања, тој доцнел на работа.

„Во врска со денешниот вербален инцидент помеѓу вработен во Град Скопје во барака 16 и граѓанка која барала услуга од Градот, ја известувам јавноста дека ќе биде формирана дисциплинска комисија во рамките на Градот, која ќе ја утврди одговорноста на вработениот. Во мое лично име, но и како градоначалник на Скопје, се извинувам на граѓаните и кон госпоѓата која беше вербално нападната. Не постои оправдување за таков однос кон граѓаните“, стои во реакцијата на Шилегов.