(ВИДЕО) За Трамп градоначалничката на Вашингтон е „екстремно неспособна“, а таа се приклучи во протестите

Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер, велејќи дека е „екстремно неспособна“ и „недоволно компетентна за водење на еден важен град како Вашингтон“.

Додека продолжуваат протестите низ САД по убиството на Џорџ Флојд, се зголемуваат тензиите меѓу Трамп и градоначалничката на Вашингтон Баузер.

Откако Баузер изјави дека нема потреба од Национална гарда и воени трупи во Вашингтон и откако на улицата наспроти Белата куќа беа напишани пораки против Трамп и натписот „Црните животи се важни“, американскиот претседател одговори.

„Баузер е екстремно неспособна и воопшто не е компетентна да води еден важен град како Вашингтон. Ако Националната гарда не излезеше на терен, Баузер немаше да има ништо поголем успех од градоначалникот на Минеаполис“, рече Трамп.

Tој додаде дека припадниците на Националната гарда спречиле „голем срам“ на протестите во Вашингтон.

„Ако Баузер не постапува добро со Националната гарда, ние ќе донесеме друга група“, рече тој.

Еден ден откако Баузер побара од претседателот Доналд Трамп да ја отстрани вонградската Национална гарда, таа во саботата им се придружи на илјадниците демонстранти на улиците на главниот град.

„Сите треба да следиме што се случува во Вашингтон, затоа што не сакаме федералната влада да им го стори тоа на сите други Американци“, рече Баузер додека шеташе низ центарот на градот со демонстрантите.

Баузер имаше и политичка порака до претседателот, објавувајќи твит во саботата: „Во ноември ќе кажеме ‘следниот’“, со слика како ѝ се обраќа на толпата во саботата.