ВИДЕО| Затворен мостот „Беласица“ кај „Ист Гејт“, по вчерашниот пожар

Мостот „Беласица“ на Вардар кај ТЦ „Ист Гејт“ утрово е затворен за сообраќај по пожарот, кој по интервениција на пожаникарите беше локализиран и изгаснат. – Не гори ништо повеќе.

Запалена беше електрична инсталација и систем за парно греење. Во четири часот наутро, пожарот беше изгаснат.

Сега нема друг пожар, меѓутоа се расчистува теренот таму, за МИА изјавија од Противпожарната единица. Од Центарот за управување со кризи информираа дека пожарот бил пријавен околу полноќ.

– Преку единствен број за итни повици 112 при Центарот за управување со кризи на полноќ e добиен повик за пожар на долната страна на мостот „Беласица“ за моторни возила над реката Вардар, на истоимената улица „Беласица“ кај затворениот трговски центар „Ист Гејт“, што е во близина на бензинска пумпа на „Макпетрол“ кај трговскиот центар.

Веднаш по добиената информација, од страна на Секторот за операции и координација и РЦУК Скопје на ЦУК биле известени сите можни институции и фирми, коишто имаат или, пак, е можно да имаат инсталации под мостот и е извршена координација со Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, којашто била на терен со осум противпожарни возила и 21 пожарникар, соопштија од ЦУК.