(ВИДЕО) Жена од Дубаи очајно бара азил во Македонија, властите со негативен одговор

Жена од Обединетите Арапски Емирати бара азил во Македонија и упати очајна молба за помош на социјалните медиуми, откако побегнала од нејзиниот дом, каде што тврди дека била подложена на закани од нејзиното семејство по поднесување барање за развод, јавува АФП.

Хинд Алболооки, која се наоѓа во Македонија, вели дека стравува од депортација назад во Обединетите Арапски Емирати.

Дојдов во Македонија, бегајќи од Дубаи, бидејќи се чувствувам загрозена од татко ми, вујко ми, мојот брат, дека ќе го направат мојот живот пекол … само затоа што побарав развод, вели таа.

Алболооки додава дека ги оставила четирите деца во Дубаи, откако машките членови на семејството побарале да ги предаде личната карта и пасошот.

Тие сакаат да ми го сокријат мојот идентитет. Јас сум мајка на четири деца. Ниту една мајка нема да ги остави своите деца, но бев приморана да ги напуштам, сведочи барателката на азил.

Сепак, Република Македонија не ѝ го одобрило барањето за азил, поднесено во ноември, пренесува АФП. За светската агенција, овој факт го потврдил и Зоран Дрангов, од Асоцијацијата на млади правници, кој посочува дека засега таа е заштитена од екстрадиција, бидејќи е поднесена жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Инаку, македонските судови во образложението навеле дека барањето за азил се одбива поради тоа што не е доволен аргумент „желбата за живеење нормален живот“.

За случајот се произнела и амбасадата на ОАЕ во Рим, задолжена за Македонија, од каде истакнуваат дека ќе ѝ помогнат на нивната државјанка, ќе ги соберат сите докази за заканите кои ги добивала и нема да го толерираат семејното насилство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.