(ВИДЕО) Златев: Судот ги прифати сите наши докази, се надевам дека ова ќе биде уште еден правен преседан

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одржа рочиште од судскиот процес кој Обвинителството го покрена против новинарот и уредник на порталот Лидер.мк, Љупчо Златев, за наводно оддавање државна тајна, кој најавува приложување докази во негова полза.

-Помина уште едно рочиште по судењето во кое се товарам за одлагање на службена тајна. Имавме шанса да ги поднесеме доказите на одбраната кои практично покажуваат дека во овој случај нема дело. Еден од доказите е пресуда на Управниот суд со која се укинува поништувањето на безбедносниот сертификат. Значи, она што сум го објавил се поништува. Така што, не знам како може да ми се суди за оддавање на службена тајна. Но продолужваме со судскиот процес. Судот ни ги прифати сите докази. Таму се конвенциите на Судот во Стразбур, Европската конвенција за човековите права со која практично новинарите се заштитуваат во вакви случаи. Поднесовме и листа на сведоци, кои понатаму ќе бидат испрашувани. Мора да признаам дека Судот и Обвинителот немаа проблем со нашите докази. Постапката ќе продолжи во март. Се надевам дека ќе успеам да ја докажам својата невиност во овој судски спор. Пред се, се надевам дека ова ќе биде уште еден правен преседан со кој на новинарите ќе им се овозможи заштита кога објавуваат класифицирани документи од јавен интерес. Верувам дека ќе донесам една нова пракса во македонското судство, пракса на невиност на новинарите во случаите кога обајвуваат за јавен интерес, изјави Златев по рочиштето.

Да потсетиме, станува збор за објавен текст поткрепен со документи како докази кои покажуваат како всушност се селектираат кадри од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), односно во идната Агенција за национална безбедност АНБ).

Златев истакна дека во објавениот напис стои дека вработениот во УБК ја загубил работата само затоа што неговиот татко лажно бил класифициран како „терорист“, а поради тој текст, сега тој судски е гонет

Обвинтелството во својата објава лани наведе дека на 9 јули и 12 јули 2020 година на интернет порталот на кој Златев е уредник како и на фејсбук страницата од истиот медиум, објавил текст во кој сторил достапни копии од документи од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои според ОЈО се класифицирани информации затоа што се однесуваат на оперативна проверка на лице.

Во јули минатата година во врска со овој случај реагираа со заедничка објава Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) кога изразија загриженост во врска со Обвинителниот предлог против Љупчо Златев за наводно сторено кривично дел „Оддавање на службена тајна“.

„Загрижува фактот што Основното јавно обвинителство секогаш е проактивно кога има пријава од страна на државна институција во делот на слободата на изразување, а кога има барања за кривични постапување за прекршување на правата на новинарите, истите најчесто ги отфрла. Во случаи кога ОЈО ќе отвори истрага по пријава од новинарските организации или група на новинари, овие случаи речиси никогаш не ни стигнуваат до Кривичниот суд или се влечат со години, за разлика од овој случај, каде практично за две недели ОЈО има завршена истрага и покренува обвинителен предлог“, наведоа тогаш двете новинарски организации.

Укажаа и на важноста на процената за јавниот интерес во вакви случаи.