(ВИДЕО) Зошто Каракачанов го нарече Заев „Бугарин кому бавно му работи умот“ или Како Заев се откажува од македонскиот јазик и посебноста

Сѐ уште македонскиот премиер Зоран Заев во саботата доцна вечерта се обиде да реагира на објавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов кој го опиша како „Бугарин на кому ден потоа му доаѓа умот“, оценувајќи дека станува збор за „недолични“ изјави на бугарскиот политичар, но очигледно и по неколку денови не може да се сети како во интервјуто за агенцијата БГНЕС самиот тој се откажува од македонската самобитност, јазикот и идентитетот и историјата.

Заев во објавата на социјалните мрежи наведува дека тој е Македонец кој зборува македонски јазик признат во целиот свет, а оти Каракачанов е Бугар кој зборува бугарски јазик признат во целиот светот. Притоа Заев рече дека „етничката и идентитетската разлика не е единствената“ меѓу нив и оти тој, како што уверува, работел на „приближување на ставовите околу разликите…“ а не преку „навреди и недолични пораки“.

А Каракачанов само го оцени она што Заев го изјави меѓу другото во контроверзното интервју за агенцијата БГНЕС коментирајќи дека искажаното од македонскиот премиер оти Македонија и Бугарија имаат заедничка историја и оти „од неа произлегле и македонскиот и бугарскиот народ“ е „Според стариот бугарски обичај, на Бугаринот умот му доаѓа следниот ден, па така и на колегата Заев“, исправајќи го дека „заедничката историја“ за која зборуваше Заев е всушност „бугарска историја до 1944 година“.

А што всушност рече заев, и самиот може да се потсети од содржината на скандалозното интервју.

„Овој меморандум мора да биде одобрен од двете меѓувладини комисии. Владата на Северна Македонија ќе го објави во „Службен весник“, со цел да има законски обврски за негово спроведување“, рече Заев и додадека меѓу другото дека „Југославија нѐ подели…, Бугарија не е фашистичка земја…, да не постоеше Делчев ќе требаше да го измислиме за да се обединиме…“, објаснува македонскиот премиер во опширното интервју за бугарската агенција.

„Немаме споделена историја. Имаме заедничка историја. Гоце Делчев е и македонски и бугарски револуционер, кој се борел за слободата на Македонија и Одринско. Наследивме време кое не беше во прилог на пријателството меѓу нас. Југославија нѐ подели. Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да ја градиме иднината. Треба да создадеме позитивна атмосфера за младите да го користат ова минато како „отскочна штица“ за подобра иднина во наредниот период. Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност и таа мора да нѐ обедини. И во Северна Македонија и во Бугарија, ова влијае на луѓето на многу погрешен начин. Ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР-публикации ширум светот, ќе сноси одговорност. Тоа нема да го дозволам. Државата не учествува во тоа“, рече Заев во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС.

Нагласи дека Договорот со Бугарија ќе биде закон.

„Како шеф на Владата, јас сум посветен во името на целиот македонски народ за примена на Договорот. Како прво, затоа што на овој начин најдобро ќе му служам на мојот народ, но, секако, и на пријателска Бугарија. Лично, ја потврдувам нашата позиција целосно да му се спротивставиме на говорот на омраза, што мора веднаш да запре. Активистот од ВМРО-ДПМНЕ, кој го запали бугарското знаме, ќе сноси одговорност“, рече Заев за БГНЕС.

Меѓу другото, Заев рече дека Бугарија не била фашистички окупатор, туку оти во времетоа на Втората светска војна на територијата на денешан Република Македонија имало „некоја администрација“, како и дека Бугарите биле тие кои го ослободиле Куманово, Крива Паланка и Скопје од фашистите.

„Ние веќе заменивме повеќе од 20 табли во земјата, каде што беше напишано ‘бугарски фашистички окупатор’. Ова не е случај – Бугарија не е фашизам, Бугарија е наш пријател.Ова не е точно. Во тоа време, на почетокот, имаше администрација. После тоа, Бугарија се крена со антифашизам, се избори за слобода, за демократија и несомнено беше дел од антифашистичкиот фронт. Бугарските и македонските трупи ослободија територии – Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје и целиот овој дел. И ова е добар дел од нашата историја – вели Заев.

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.