Виена бара од Берлин објаснување за новите обвинувања за шпионирање

Австриската влада побарала во саботата од Германија објаснување по новите медиумски извештаи во кои германските разузнавачки служби се обвинуваат за шпионирање на голем број институции и компании во соседна Австрија, меѓу кои амбасади и меѓународни организации.

Австрискиот претседател Александер фод дер Белен побарал „целосно појаснување“ од германските власти, а канцеларот Сеастијан Курц ги повикал официјален Берлин на „добра соработка“ за да се расветлат медиумските откритија за претходна активност на сојузната германска служба за надворешно разузнавање BND.

Дневниот весник Standard во саботата објави дека поседува список на цели коишто BND ги шпионирала во периодот меѓу 1999 и 2006 година и којшто опфаќа околу 2.000 броеви на фиксни и мобилни телефони, факс уреди и електронски адреси на министерства, меѓународни организации, амбасади и компании чиешто седиште е во Австрија. Австрискиот неделник Profil истовремено ги објави истите информации.

Меѓу шпионираните меѓународни организации се Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) чиишто седишта се во Виена.

„Да се шпионираат пријателски земји, не само што е ретко и непожелно, туку е и сосема неприфатливо“, изјави претседателот дер Белен на заедничката прес-конференција со канцеларот Курц. Таквото дејствување „може долгорочно да ја доведе во прашање довербата меѓу земјите“, додаде Белен, додека Курц беше малку попретпазлив напомнувајќи дека Германија е „важен партнер“. Двајцата изразија желба да бидат сигурни дека ваквата практика престанала, истакнувајќи дека димензиите на шпионирањето какви што ги објавија медиумите се „големи“.

Во Германија претседателот на парламентарната комисија на Бундестагот за надзор над разузнавачките служби, пратеникот Армин Шустер од Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел, изјави во саботата дека ќе бидат испитани информациите од Австрија. „Ќе испитаме дали овие наводи се нови или се дел од она што беше изјавувано во 201 година“, изјави за медиумската групација Funke. Комисијата треба следната седмица да се сретне во врска со ова прашање.

Во 2015 година германската разузнавачка служба се најде во непријатна ситуација по сличните откритија дека во минатото ги шпионирала сојузничките земји, па така и Австрија, за свои потреби но и за американската Агенција за национална безбедност (NSA).

Според тогашните пишувања на медиумите кои главно потекнуваа од документите коишто ги доставуваше одметнатиот поранешен аналитичар на NSA, Едвард Сноуден, цела деценија и пол Американците ја прислушувале канцеларката Ангела Меркле уште кога била во опозиција, а потоа во заеднички операции бели шпионирани функционери на француското министерство за надворешни работи, кабинетот на францускиот претседател, на челникот на Европската комисија и министерствата за надворешни работи на повеќе европски западни земји. Поради тоа во 2016 година Германија донесе закон според кој германското разузнавање ќе биде под поголема контрола, но и ќе има поголеми овластувања.