Виена очекува до крајот на годината Македонија и Албанија да почнат преговори за членство, Париз и натаму скептичен за решение во јуни

Постојаниот претставник на Австрија во Европската унија, амбасадорот Николаус Маршик изрази во четвртокот надеж дека за време на австриското претседателство со Советот на ЕУ до крајот на годината Македонија и Албанија ќе започнат преговори за членство во ЕУ, меѓутоа од Брисел инфромираат дека Франција и натаму искажува резервираност дека датумот за почетокот на преговорите за членството може да биде даден веќе во јуни.

Австрија го презема претседавањето во ЕУ на 1-ви јули, а Маршик додава дека очекува за време на состанокот за безбедност во Салцбург, закажан за септември, да биде постигнати решенија поврзани со миграцијата. Амбасадорот смета, исто така, дека земјите од западен Балкан треба да бидат први партнери на ЕУ.

Истовремено продолжуваат расправите меѓу земјите членки на ЕУ за одредување датум за почеток на преговори со Македонија во Советот на ЕУ, каде што Франција и натаму се противи тоа да се случи во јуни, и покрај договорот меѓу Македонија и Грција. „Иако за сега во нацрт заклучоците останува стартот на преговори со Македонија, битката не е извојувана“, информираат дипломатски извори во Брисел за МИА.

Во обид да се убеди Франција, земјите членки прифатиле да се одреди условена одлука за преговори без временски рок кога конкретно тие би почнале, но ниту тоа не ги убедило Французите. Париз прифаќа да има „што попозитивен речник“ и охрабрувања за Македонија, но дека преговори во јуни не се можни. Став што им пречи на голем број земји членки, кои сметаат дека Македонија треба да биде наградена како за реформите, така и за договорот за името, оцениле соговорниците на агенцијата. Во средата вечерта амбасадорите на земјите членки дебатирале до речиси 22 часот за ова прашање, но не успеале да постигнат компромис, велат извори во Советот за МИА.

Меѓу најгласните во одбрана на почетокот на преговори била Бугарија, која до крајот на јуни претседава со ЕУ, и којашто, исто така, оценува дека преговори со Македонија во јуни ќе донесе и „престиж“ за нејзиното претседателство.

Друга земја која турка за старт на преговори со Македонија е Австрија, која го презема кормилото на ЕУ од 1 јули.
Австрискиот амбасадор при ЕУ, Николас Маршик, денеска изјави дека „би биле многи среќни да отвориме преговори со Скопје и Тирана за време на нашето претседателство“, кое трае од 1 јули до 31 декември 2018.

Австриски дипломатски извори додаваат дека би сакале Европската Комисија да настапи со преговарачка рамка за Македонија и се надеваат дека ќе се одреди временски рок за преговори со нашата земја. Австрија “прави сѐ да ги убеди партнерите и силно охрабрува позитивна реторика за Македонија“ во заклучоците.

Без одлука на амбасадорско ниво, останува да се види што ќе се случи следниот вторник во Луксембург, кога треба да се состанат министрите за надворешни работи на ЕУ и да дискутираат на оваа тема. Била спомената варијанта и преговори да се одредат во ноември годинава, велат изворите на МИА, што, исто така, не му е по вкус на бугарското претседателство, велат извори во Брисел.

Франција, инаку, е коавтор на „нон-пејперот“ изготвен од неколку влијателни земји членки на Европската унија во кој е нотирана една од главните причини поради кои се бара на Македонија да не ѝ се даде датум за преговори, а тоа е распространетата корупција. Имено во овој документ се вели дека корупцијата е сеприсутна и постојат сериозни политички пречки во нејзиното справување.

Нон-пејперот е дело на Франција и Холандија, а поддршка за него дале уште две членки основачи на Унијата, Белгија и Луксембург, како и од Данска. Во нон-пејперот има и критики дека итните реформски приоритети зададени од Прибе не се доволно брзи за да бидат наградени со почеток на преговори, иако е спомнато дека има реални промени во општата атмосфера во државата.