(ВИДЕО) Бетис го спречи Реал да се врати на врвот

Фудбалерите на мадридски Реал пропуштија можност да се вратат на врвот на табелата од шпанското првенство, откако на гостувањето во Севилја кај Бетис во мечот од 27-то коло беа поразени со 2:1 и останаа два бода зад по ова коло водечката Барселона.

До пред самиот крај од првото полувреме ниедна од екипите посериозно не го загрози противничкиот гол, а во 40 минута Сидни прво го донесе во водство Бетис, а во третата минута од судиското продолжение израмни од пенал Карим Бензема, откако претходно беше соборен Марсело.

Второто полувреме започна со голема шанса на Бетис во 55 минута, кога Жоакин го мина и голманот Куртоа, но потоа слабо биеше во небранетиот гол па Лука Модриќ ја исфрли топката од гол-линијата. Но грешката ја поправи Кристијан Тељо во 82 минута кога изби сам пред гостинскиот голма и потао рутинерски го погоди долниот лев агол.

Бетис сега е 12-ти со 33 бодови, додека Реал остана втор со 56, а Барселона по среќната победа во саботата од 1:0 над Реал Сосиедад сега има 58 бодови.

Претходно во неделата Осасуна со голот на Роберто Торес од пенал во 51 минута го совлада Еспањол кој на крајот остана и без исклучениот Диего Лопез. Осасуна сега е 11-та со 34 бодови, а Еспањол е закован на дното од трабелата со 20 бодови, пест помалку од местото кое гарантира опстанок.

Атлетик Билбао беше убедлив со 4:1 на гостувањето кај Вајадолид. Гостите поведоа во 4 минута преку Унаи Лопез а дваесет минути подоцна водството го удвои Раул Гарсија. Сандро Рамирез со погодокот во 76 минута им ги врати надежите на домашните, но во 87 минута Инаку Вилијамс ги носи Баските повторно на „плус два“, а конечниот резултат го постигна Ињиго Кордоба во третата минута од судиското продолжение.

Атлетик Билбао сега со 37 бодови е 10-ти, а Вајадолид е 15-ти со 29 бодови, четири повеќе од 18-та Мајорка која е на место кое води во плеј-офот за опстанок.

Леванте и Гранада одиграа без победник 1:1. Домашните поведоа во 11 минута преку Рожер Марти а израмни Дарвин Мачис во 60 минута. Леванте е 13-ти со 33 бодови, а Гранада има 38 бодови и е деветта.

Иако Вилјареал на домашен терен поведе уште во 5 минута со голот на Жерар Морено, претпоследниот  Леганес дојде до трите бода благодарејќи на Оскар Родригез Арнаиз кој беше двоен стрелец во 47 и 70 минута од пенал. Вилјареал остана осми со 38 бодови, а Леганес и натаму е претпоследен 19-ти со 23 бодови, два помалку од позициите за опстанок.