Виетнам отпочна истрага за масовна трговија со луѓе

По шокантната вест за смртта на 39-те мигранти во камион-ладилник во Велика Британија, полицијата на централната виетнамска покраина Ха Тин, во кој десет семејства пријавиле исчезнување на нивните деца, отворила криминалистичка истрага за трговија со луѓе, објавија во четвртокот државните медиуми.

„Повеќето семејства соработуваа, некои од нив имаат сопствени маки и не можеле да дадат потполни информации“, рекол полковникот Нгујен Тиен Нам, заменик на командантот на полицијата во централната покраина, пренесува локалниот весник VnExpress.

Во соседната покраина Нге Ан, каде што 18 семејства си ги бараат исчезнатите деца, четворица осомничени се уапсени поради поврзаноста со компанија којашто договарала патувања во странство и визи за Виетнамци.

Еден од осомничените е Ле Дуј Ан, поранешен директор на консултантска компанија која организирала заминување на Виетнамци на студии во странство. Тој е под истрага поради „организирање или присилување луѓе да бегаат во странство или да останат во странство илегално“ и за тоа му се заканува казна од 20 години затвор.

Од септември 2015 до јануари 2019 година, компанијата примила стотици илјади американски долари од околу 4.000 поединци, пишуваат виетнамските медиуми.

Засега овие активности не се доведуваат директно во врска со британскиот случај, кога во англиската грофовија Есекс на 23-ти октоври во камион-ладилник беа откриени телата на 39 илегални имигранти за коишто во почетокот се нагаѓаше дека се кинески државјани. Подоцна се појави информација дека може да бидат Виетнамци, кога активист за човеков права прочита СМС порака која 26-годипната Пам Ти Тра Меј ѝ ја испратила на својата мајка во Виетнам во која вели дека умире, бидејќи не може да дише.

Стотици Виетнамци се криумчарата во Велика Британија секоја година, покажуваа тподатоците на хуманитарната организација Ecpat.