Виктор Мизо реизбран за претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство

Генералниот директор на „КОСТАЛ – Македонија“, Виктор Мизо, повторно ќе ја предводи Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, откако членовите му ја дадоа довербата за нов двегодишен мандат.

На виртуелната седница одржана на 11 јули 2022 година беа избрани и заменици-претседатели и тоа:

Боријан Борозанов од „Џонсон Мети“, Светослав Смилков од „АРЦ Аутомотив“ и Ѓорѓи Тренкоски од „Теламон“.

Како и досега, и во наредниот период приоритет за новото раководство ќе биде Асоцијацијата активно да учествува во процесите за унапредување на условите за водење бизнис во земјава, преку предлагање мерки и препораки за креирање најдобри можни решенија, кои ќе донесат одржлив и побрз економски развој.

На состанокот беа презентирани реализираните активности во изминатиот период и беа разгледани клучните иницијативи и предлози на Асоцијацијата, кои се од значење за унапредување на работењето на компаниите со технолошки напредно производство, а во функција на зголемување на продуктивноста, конкурентноста, но и на атрактивноста на земјава за задржување на постојните и за привлекување нови инвеститори.

Истовремено, на средбата се дискутираше и за отворените прашања и за актуелните проблеми во поглед на законската регулатива, како и за други значајни прашања кои се од интерес за странските инвеститори, а кои ќе бидат предмет на разгледување на заедничка средба со претставници од Владата во наредниот период.