Вилјареал го плати цехот на Барса, Реал до четири бода предност повторно од пенал

Барселона со убедливи 4:1 го мина потенцијално непријатното гостување кај Вилјареал и остана на четири бодови заостанување зад водечкиот Реал Мадрид пред последните четири кола во шпанското првенство.

Уште во 3 минута Барселона поведе со погодокот кој му е припипшан на домашниот бек Пау Торес, кој во дуел со Антоан Гризман во својот петерец ја зафати топката по нафрлувањето на Жорди Алба. Вилјареал набрзо докажа дека е непријатен противник за Каталонците и веќе во 14 минута стаса до израмнување преку Жерар Морено. Но иако домашните го принудија уште неколку пати Тер Штеген да ја спасува својата мрежа, Барса ја презема играта и до крајот на полувремето со уште два погодока направи солидна предност.

И во двата случаи Лионел Меси беше асистент. Во 20 минута на негово додавање, со прецизен удар од работ на казнениот простор погодок постигна Луис Суарез, а во 45 минута на неговото проигрување со петица Гризман погоди со извонредно прецизен удар. Уругваецот со тоа стана првиот играч во историјата на каталинскиот клуб кој постигнувал погодок во секој од дванаесетте месеци во годината.

Меси во 69 минута постигна погодок, но по прегледувањето на снимката беше поништен, Сепак, Барселона и покрај расположениот домашен голман Асенхо кој во вториот дел одбрани девет противнички удари од кои најмалку два беа „зицери“, успеа да постигне погодок со итриот удар на тинејџерот Ансу Фати во 87 минута.

Барселина, иако ја продолжи серијата осум првенствени дуели без пораз и натаму е втора, сега има 73 бодови, а на врвот е Реал со 77 бодови, додека Вилјареал остана на петтото место со 54 бодови и пропушти можност да се израмни со Севилја која со 57 бодови е на четвртото место, последното кое води директно во групната фаза од Лигата на шампионите.

Фудбалерите на Реал Мадрид со 1:0 го совладаа на гостувањето Атлетик Билбао во првиот неделен дуел. Стрелец за 23-та победа на „Кралевите“ сезонава во првенството беше капитенот Серхио Рамос кој во 73 минута реализираше пенал. Судијата Гозналес покажа на белата точка по интервенција од ВАР-собата, по што видел дека Дани Гарсија го настапнал Марсоло во казнениот простор.

Атлетик Билбао и покрај поразот го задржа осмото место на табелата со 48 бодови, и ќе се надева дека во преостанатите четири кола може да избори квалификации во Европската лига.

Со домашниот пораз од 0:1 од Леганес, фудбалерите на вториот клуб од Барселона – Еспањол речиси и математики ги загубија шансите да го задржат прволигашкиот статус и по 33 години ќе ја напуштат елитата, додека клубот од мадридското предградие си ги зголеми шансите да се спаси од испаѓање во последните четири кола. Стрелец на побединичкиот погодок беше Силва во 53 минута.

Леганес со 28 бодови е на претпоследното место со седум бодови заостанување зад Селта Виго која е на 17-то место. Еспањол остана закован на дното со 24 бодови.

Осасуна му беше домаќин на Хетафе во дуелот кој заврши без погодоци. Хетахе со 53 бодови е на шестото место, додека Осасуна со 45 бодови остана на 12-то место на табелата.

Колото завршува во понеделник со дуелите Леванте – Реал Сосиедад и Севилја – Еибар.