Во последниот натпревар од саботната програма на 19-то коло од шпанското фудбалско првенство, Хетафе со 2:1 (0:0) победи на гостувањето кај Вилјареал, во дуелот во кој гостите постигнаа автогол а домашните не реализираа пенал во судиското продолжение.
Хетафе поведе во 52 минута со голот на Молина, а во 75 минута Вилјареал израмни со автоголот на гостинскиот бек Кабрер, кој ја испрати топката покрај својот голман. Но Хетафе во 89 минута повторно ги имаше трите бода в џеб со голот на Анхел кој во игра влезе три минути претходно. „Жолтата подморница“ имаше можност да спаси бод,во втората минута од судиското продолжување, но Екамбо од 11 метри шутираше над пречката.
Вилјареал останува претпоследна, 19-та со 17 бодови, два помалку од 17-то место кое го држи Атлетик Билбао, а кое гарантира нова сезона во Ла Лига. Хетафе, пак, со сега 28 бодови моментално е на шестото место, кое води во разигрувањата за европските натпреварувања.
Вајадолид освои важен бод на гостувањето кај Валенсија, одигрувајќи 1:1. Домашните можеа да поведат во 54 минута, но гостинскиот голман Масип го одбрани пеналот што го изведе Родриго, а веднаш потоа спречи и Мина одбиената топка да ја протури зад неговиот грб. Валенсија сепак поведе во 71 минута, кога на нафрлување од Солер, од десетина метри неодбранливо шутираше Парехо. Но Вајадолид дојде до израмнување во 82 минута кога Алкараз од повеќе од 25 метри одлично изведе слободен удар и го погоди десниот горен агол од голот на Валенсија, постигнувајќи го еден од најубавите погодоци во досегашниот тек од сезоната во шпанското првенство.
Вајадолид сега е 15-ти со 22 бодови и се надева на големо бегство од зоната на испаѓање, а Валенсија има бод повеќе и е на средина на табелата, на десеттото место.
Бодовите ги поделија и Жирона и Алавес, одигрувајќи 1:1. Стуани ѝ донесе предност на Жирона во 12 минута, а конечниот резултат и бод за гостите ги постави Бастон во 51 минута.
Жирона е моментално осма со 24 бодови. Алавес, кој е едно од најпријатните изненадувања сезонава, пропушти можност барем до недела да се искачи на третата позиција и остана на четвртата со 32 бода, два повеќе од Реал Мадрид кој има натпревар помалку.
Леганес како домаќин на победи Хуеска минимално со голот на Ен Несири во 73 минута и сега со 22 бодови е 14-ти. Хуеска остана со 11 бодови на самото дно и е веројатно веќе сигурен патник во Сегунда.
Претходно во петокот Рајо Ваљекано со 4:2 ја победи Селта Виго, и дојде до 19 бодови на 17-то место кое води во понизок ранг. Селта остана на 16-то место, но сега само со два бода повеќе од Рајо и Атлетик кои ќе се обидат да ја минат во жестоката борба за опстанок ви Примера.
На табелата води Барселона со 40 бодови, пред Атлетик Мадрид со 35 и Севилја со 33 бодови.
Во недела на распоредот се четири натпревари, а се среќаваат Атлетико Мадрид – Леванте, Атлетик Билбао – Севилја, Барселона – Еибар и Бетис – Реал Мадрид.