Винисиус го спаси Реал од пораз кај Леванте

Во последниот дуел од второто коло на шпанското фудбалско првенство доцна ноќта во неделата во дуелот преполн со пресврти одигран во Валенсија, фудбалерите на Леванте и Реал Мадрид ремизираа со резултат 3:3, иако домашната екипа двапат имаше предност.

Мадридските „Кралеви“ поведоа уште во 5 минута со голот не Герет Бејл, но во второто полувреме следеше пресврт. На самиот почетокот во 46 минута Рожер израмни, а со одличен волеј во 57 минута Кампана му донесе предност на Леванте. Во 73 минута Жуниор Винисиус првпат погоди и го врати Реал во мечот.

Во 79 минута Робер Пјер го постигна третиот гол за домашните откако слободен удар изведе македонскиот репрезентативец Енис Барди кој во меѓувреме влезе во игра, а по несреќната реакција на Давид Алаба. При водство од 3:2 Кантеро шутираше кон небранетиот гол на Реал, но ја погоди само стативата. Во 85 минута на сцена повторно стапи Винисиус и со својот луциден погодок од речиси невозможна позиција му донесе ново израмнување на Реал.

Бразилецот беше заслужен и за тоа што домашниот голман Фернандез во 87 минута беше исклучен, бидејќи играше со рака на 40 метри од својот гол, кога на Винисиус му беше отворен патот кон голот на Леванте. Бидејќи домашниот тренер ги направи сите измени, меѓу стативите застана стоперот Рубен Везо, но играчите на Реал во преостанатото време не го принудија да ги покаже своите голмански квалитети, па остана 3:3.

Во претходно одиграните натпревари Атлетико Мадрид со минимални 1:0 на својот стадион го совлада Елче. Стрелецот на победничкиот гол беше Анхел Кореа во 39 минута. Аргентинскиот играч од средниот ред така сѐ уште е единствениот стрелец во новата сезона за Атлетико, бидејќи постигна и два погодока во победата над Селта Виго од 2:1 во првото коло.

Во првиот меч од неделната програна Реал Сосиедад во Сан Себастијан го совлада Рајо Ваљекано со погодокот на капитенот Микел Ојаразабал, кој во 68 минута сигурно погоди од белата точка.

Во понеделник од 20 часот се игра мечот Хетафе – Севилја, а од 22 часот Осасуна – Селта Виго.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.