Винс Картер потпиша едногодишен договор со „Атланта“

Легендарниот американски кошаркар Винс Картер во јануари наполни 41 години, но и во следната сезона ќе остане во НБА лигата. Ветеранот потпиша едногодишен договор со „Атланта Хоукс“ и ќе ја игра 21 сезона во неговата кариера.
Картер како слободен агент се согласи на едногодишен соработка со „Хоукс“, кои сакаат одличното крило со своето искуство да придонесе за младиот тим на „Атланта“.

За една сезона Картер ќе заработи 2,4 милиони долари што е минимум за ветераните во НБА лигата.

Картер својата НБА кариера ја започна во 1998 година, кога како петти пик на првата рунда од драфтот беше избран од „Голден Стејт Вориорс“. Сепак, тој веднаш беше трејдуван и замина во „Торонто“ каде што ќе ги помине следните шест години во кои тој ги покажа најдобрите игри.

Картер во периодот од 2000 до 2007 година осум пати по ред беше избиран во Ол-Стар тимот, а незаборавни се неговите ремек-дела на натпреварите за забивање, кои се до ден денес едни од најдобрите.
По златниот период во „Торонто“, Картер смени уште шест клубови. Тој беше дел од франшизата на „Њу Џерси Нетс“, „Орландо Меџик“, „Феникс Санс“, „Далас Маверикс“, „Мемфис Гризлис“ и „Сакраменто Кингс“.

Во текот на 20 сезони во НБА, Картер постигна просек од 17,7 поени по натпревар, со 4,5 скока и 3,3 асистенции.