Виртуелна посета на Националната галерија

Во моменти кога се соочуваме со опасност од поголемо ширење на епидемијата на вирусот корона, и кога се обидуваме да ги следиме препораките да останеме колку што е можно повеќе дома, најголем дел од културните институциикај нас, меѓу кои и ние, ги затворивме за посетители своите објекти, но, вовакви специфични случаи и согласно можностите и знаењата за брзо прилагодување кон новите околности, почнавме да нудиме нови, технолошки (онлајн, електронски) можности на нашите посетители, се вели во соопштението од Националната галерија.

Оттаму велат дека ги затвориле своите изложбени простори во согласност со препораките на Владата на Северна Македонија и се движат од галерискиот простор кон виртуелниот. Постојаната поставка на Националната галерија, која редовно е поставена во објектот Даут пашин амам е достапна во виртуелна варијанта до посетителите, преку VR платформата https://my.matterport.com/show/?m=seBXUrNdika.

Покрај оваа можност, тимот на галеријата постојано размислува за нови виртуелни опции за анимација на својата публика од различни професионални и возрасни групи, почна да нуди и бесплатни платформи за симнување на дигитални форми на каталози и монографии од наши досегашни изложби, проекти и активности, секако во издание на Галеријата.

– Наскоро најавуваме и виертуелни описи и презентации на дела од нашата богата колекција, презентирани од нашиот стручен кадар – велат од Галеријата.

Во подготвка е и скорешна промоција на виртуелни работилници и уметнички игри за нашите најмали и најмили посетители, децата, кои ќе бидат изготвени од нашиот едуативен тим и ќе одговараат на различни возрасти на деца – дошколска и школска возраст, средно училиште и секако да не ги забораваме и најранливите категории – децата со посебни потреби.

– За сите наши нови активности навремено ќе ве информираме, а постојано следете ги нашите социјални мрежи, фејсбук и твитер страниците, каде сме и најдостапни до најшироката публика – додаваат оттаму.

Националната галерија на Северна Македонија ви порачува да ги следите нашите богати содржини, да седите дома, да се чувате и заштитите себе си и најближните и заедно да ја победиме оваа чума на 21 век, притоа задржувајќи го духот и негувајќи ги и почитувајќи вистинските културни вредности.

Воедно информираме дека на 23 март 2020 во сите објекти на Националната галерија е извршена дезинфекција на изложбените и работните простории.