Вишеградската група за претседател на ЕК го посакува Шефчович

Четирите поранешни комунистички централноевропски членки на Европската унија ќе го предложат потпретседателот на Европската комисија на заминување, Словакот Марош Шефчович, како свој кандидат за нов член на ова тело, пишува во вторникот чешкиот весник Hospodarske Noviny.

Повикувајќи се на чешки и европски извори, весникот пишува дека Чешка, Словачка, Унгарија и Полска, познати како Вишеградска група, ќе го предложат Марош Шефчович, искусен дипломат од кариера, на местото комесар за надворешна политика на ЕК, ако веќе не стане нејзин претседател.

Челниците на државите на ЕУ во вторникот вечер се среќаваат во Брисел за да разговараат за резултатите од изборите за Европскиот парламент кои завршија во неделата и го променија односот на силите во ова тело, како и да преговараат за новото водство на Европската комисија.

Педесет и двегодишниот Шефчович, кој се образувал во Москва, е потпретседател на ЕК од 2009 година и моментално е надлежен за енергетската политика на ЕУ. Лани изрази амбиции да биде „шпиценкандидат“ на социјалистите, но во ноември се откажа од тоа и го поддржа потпретседателот на ЕК, Холанѓанецот Франс Тимерманс.

Во март годинава беше поразен на претседателските избори во Словачка од либералната адвокатка Зузана Чапутова која на власт дојде на бранот на незадоволството на Словаците од раширената корупција. Шефчович ја имаше поддршката од Смер, лева партија којашто е важен фактот на словачката политичка сцена од 2006 година.

Во кампањата за парлементарните избори истакнуваше дека сака да се бори против растешкиот евроскептицизам ширум ЕУ. Во Брисел денес не сметаат дека Шефчович има големи шанси да го преземе челното место на ЕК.

Преговорите за функциите во ЕК ќе траат најмалку до самитот на ЕУ на 20-ти и 21-ви јуни. Покрај Шефчович, Тимерманс и Макс Вебер кој е кандидат на Европската народна партија (EPP) повторно најголемата но ослабена политичка групација во Европскиот парламент, како можен нов претсеател се споменува и главниот преговарач на ЕУ за брегзитот, Французинот Мишел Барние, исто така, од EPP.