„Виси“ ли датумот за преговори со ЕУ?

Стравувањата дека земјава нема да добие датум за преговори со Европската Унија јуни се засилија по изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан.

Дека шансите за добивање датум за преговори се намалуваат, и покрај исполнувањето на сите услови во однос на добрососедските односи, говорат како странски така и домашни извори. Како најголеми забелешки, поради кои Македонија ќе „извиси“ повторно, се слабите резултати во однос на исполнување на реформската агенда којашто ја постави Брисел.

Но, од Владата се уверени дека во јуни ќе забележиме значителен напредок во евроинтеграциите. Премиерот Зоран Заев верува дека ќе добиеме конкретен датум за преговори бидејќи, според него, останал само уште еден закон што треба да се договори низ политички дијалог.

Прашан дали ќе понесе одговорност доколку нема датум, Заев вели нема да поднесе оставка, бидејќи земјава ќе добие датум за преговори.

„Апсолутно не, заради тоа што прво ќе имаме датум, прашањата што во моментот се разгледуваат, тесниот простор меѓу изборите за Европскиот парламент, после кои се објавува извештајот на Европската комисија и четири дена неколку парламенти имаат можност да го усвојат тој извештај за да им дадат „пас“ на земјите-членки на Советот на ЕУ да ја донесат одлуката“, рече Заев.

Посочи дека Законот за јавно обвинителство е изготвен транспарентно и оти огромно мнозинство стои зад него.

Милошоски: Очигледно е дека датум нема да има

Синоќа при гостување на телевизија 24 Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ истакна дека е очигледно дека датум нема да има.

„Морам да констатира дека изјавата на Хан е најдобар дипломатски политички демант на изјавата дадена од премиерот Заев во јуни 2018 година кога се сликаше во авион со колегите Мухамед, Бујар Османи, Никола Димитров и Кочо Анѓушев изјавувајќи дека штотуку ја добивме радосната вест – Македонија може да прославува, добивме историска одлука, безусловен датум за преговори во јуни 2019“, рече Милошоски.

 

Истакна дека очигледно е дека датумот го нема и тоа потврдува дека или премиерот Заев лажел дека сме добиле датум за преговори а тоа не се случило или Хан лаже дека не добиваме датум но некаде е сокриен и се очекува.

Понатаму, Милошоски истакна дека она што тој го знаел од контакти со дипломати е дека во следниве денови на 8-ми или 9-ти април, министерот за надворешни работи ќе патува за Берлин токму за да ја расчисти таа дилема дали Македонија ќе добие датум за преговори после оваа изјава на Хан која што според Милошоски е примена со негативно изненадување од некои кругови на Владата што очекувале безусловен датум за преговори.

Георгиев: Работава изгледа дека нема да добиеме датум за преговори

И поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордана Георгиев смета дека малку е веројатно дека државава ќе добие датум за преговори.

„И ние најверојатно во јуни како што изгледа работава дека нема да добиеме почеток на преговори, тоа ќе биде силен ветер во полза на опозицијата. Јоханес Хан имаше една изјава која според мене е крајно непримерна пред десетина дена каде што рече дека одлично е што го решивте проблемот за името, одлично е што ги имате реформите на хартија и законите, ама за да добиете датум за преговори во јуни треба да го смените менталитетот. На Јоханес Хан треба да му е јасно дека менталитет не се менува за 6 месеци, менталитет не се менува ни за 10 години. Тоа е фрлање прав во очи“, појасни Георгие при гостување во Централниот дневник на 1ТВ.