Висок функционер на ДУИ пријавил смртни закани

Потпретседателот на владејаката Демократрска унија за интеграција (ДУИ) и поранешен градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, пријавил во гостиварската полиција дека добил закани по животот.

Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо ја потврдиле информацијата. „Пријавена е закана врз ексградоначалникот на Гостивар Невзат Бејта од друго лице од Гостивар. Се работи на случајот“, рекле од МВР.

Додадле дека „во интерес на истрагата“ не откриваат поединости за случајот и идентитетот на лицето кое му се заканувало на Бејта, како и за причините.

Бејта не сакал да зборува за настанот. Тој е потпретседател на ДУИ и во два мандата поранешен градоначалник на Гостивар.

„Да, добив закана и случајот го пријавив во полиција. Очекувам институциите да се справат со случајот“, рекол кусо потпретседателот на ДУИ.

ДУИ викендов избираше претседател на гостиварскиот огранок. По неколку мандати Бејта повеќе не е прв човек на гостиварскиот огранок, бидејќи за претседател е избран Башким Хасани. Медиуми на албански јазик, неофицијално заканите врз Бејта ги поврзуваат токму со изборот на новиот претседател на гостиварскиот огранок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.