Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју емитувано доцна ноќта во четвртокот рече дека Киев сè уште не е подготвен да започне преговори со Русија, бидејќи нема оружје, безбедносни гаранции и меѓународниот статус што го бара.
Андриј Eрмак ова го изјави за јавната телевизија Суспилна во време кога Зеленски јавно ја разгледува можноста за преговарачко решение за војната со Русија, предизвикана од инвазијата на Москва на соседната земја во февруари 2022 година.
„Немаме оружје, го немаме статусот за кој зборуваме. А тоа значи покана за НАТО и јасни гаранции (…) да се осигураме дека Путин нема да се врати за две или три години. “, рече Eрмак, кој одговори негативно на прашањето дали Украина во моментов е подготвена да започне преговори.
Минатата седмиа во Париз, Зеленски разговараше за „замрзнување“ на линиите на фронтот со францускиот претседател Емануел Макрон и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, а меѓу другото, тој предложи распоредување на странски трупи во Украина додека таа земја не влезе во НАТО.
Зеленски рече дека им рекол на двајцата државници дека не верува оти Путин всушност сака да ја заврши војната и дека рускиот претседател ќе мора да биде принуден на тоа.
„Можете да употребите сила само ако Украина е силна. Силна Украина пред каква било дипломатија значи силна (Украина) на бојното поле“, рече Зеленски, имплицирајќи дека на Киев му е потребна дополнителна воена помош.
Официјален Кремљ, пак, во вторникот објави дека војната во Украина ќе продолжи сѐ додека не се исполнат целите поставени од претседателот Владимир Путин преку воена акција или преговори. Путин бара Украина да се откаже од својата амбиција да влезе во НАТО и целосно да се повлече од четирите региони кои Русија ги смета за свои историски територии и ден денес населени со доминантно руско и рускојазично население.