Високи победи на Бостон и Јута, седми пораз во низа на Феникс

Изминатата ноќ во НБА лигата беа одиграни само три натпревара, и во сите три високи победи остварија домашните екипи.

Бостон Селтикс ги совладаа Њујорк Никс со 128:100, а до победата ги предводеше Кајри Ирвинг со 22 коша и 8 асистенции. Џејлен Браун додад 21 поен, а Ал Хорфорд 19 поени со 12 скокови. Најдобар кај Никс, пак, беше Тим Хардавеј џуниор кој мечот го заврши 22 кошеви.

Селтикс имаа шут од игра 55,1 отсто во првото полувреме и на паузата водеа со 69:58. Никс се приближија на 82:89 на три минути и 49 секунди пред крајот на третата четвртина, но Ирвинг и Гордон Хејвард погодија „тројки“ и Бостон овој дел од дуелот го заврши со серија 10:2, која на почетокот од последната четвртина му донесе водство од 15 кошеви.

Феникс Санс го впишаа седмиот последователен пораз, отакако загубија со 86:108 на гостувањето кај Портланд Трејл Блејзерс.

Демиен Лилард постигна 25 кошеви за победничкиот тим, додавајќи притоа 8 асистенции, иако целата последна четвртина ја мина на клупата. Џејк Лејман додаде 24 поени и 7 скокови за Трејл Блејзерс кои ја прекинаа серијата од три пораза. Трој Дениелс ги предводеше Феникс со 15 погодоци, Џош Џексон додаде 14 поени.

Во третиот меч Јута Џез на својот паркет ги надиграа Хјустон Рокетс со 118:91. Дерик Фејворс беше најдобар стрелец кај Јута со 24 поени и 10 скокови, а Џо Инглс постигна 18 кошеви. Кај Хјустон најдобар беше Џејмс Харден со 15 поени.